1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Половина милион Германци ќе возат електромобил до 2020

По германските патишта во 2020 година треба да се движат половина милион возила на електричен погон - тоа е целта поставена од Сојузната влада. Истражувачите се обидоа да пресметаат дали е остварлива таа цел

default

Како ќе се однесуваат купувачите на автомобили во иднина? Како ќе се развиваат цените на батериите? Каде ќе можат електромобилите да полнат струја и колку долго ќе трае таквата постапка? Развојот на електромобилитетот е како равенка со многу непознати. Високошколските истражувачи од Европската школа за менаџмент и технологија од Берлин се обидоа да ја претскажат иднината на автомобилите на електричен погон до 2050 година. Тие составија компјутерски модел за да го симулираат можниот развој во зависност од промените на политичките или други услови, на пример со воведување даночни погодности или ако се подобри капацитетот на батериите.

Клучниот резултат е дека целта на Сојузната влада може да биде остварена и без преземање посебни напори за развој на електромобилитетот, при што владата и индустријата под електромобили подразбираат не само автомобили исклучиво на погон на струја, туку и хибридни модели, кај кои електромоторот е надополнет и со класичен мотор со внатрешно согорување.

„Ако воопшто ништо не се преземе, според нашиот модел, на почетокот на 2020 година на улиците ќе има 462 илјади возила на електричен погон. Околу две години подоцна бројката ќе достигне еден милион“, истакна Михаел Холтерман, раководител на проектот.

Поддршка од државата

Modellprojekt zur Elektromobilität der Bundesregierung

Тој развој би се забрзал ако државата ја помогне продажбата на 200 илјади возила со тоа што на купувачите ќе им надомести две илјади евра од цената, но тоа нема економска смисла, смета економистот Јерг Радеке.

„Ние дојдовме до резултат дека таа мерка во крајна линија ќе значи помала полза, оти трошоците би биле повисоки, отколку ползата. Значи, тоа не би била економски препорачлива мерка“.

И овде, се разбира, се’ зависи од појдовните претпоставки. Истражувачите појдоа од претпоставките дека државата нема со повисок данок врз струјата да ја надомести загубата на приходите од данокот на минерални масла. Освен тоа, истражувачите веруваат дека помасовната застапеност на електромобилите би водела кон намалување на напорите на производителите на автомобили да ги направат поефективни класичните мотори со внатрешно согорување.

Хибридот поприфатлив концепт

Уште пред да бидат познати резултатите од оваа студија, Сојузната влада веќе реши дека нема да ја субвенционира продажбата на електромобилите. Парите, наместо тоа, ќе ги насочи кон истражувања и развој на нови технологии, како и за проекти за тестирање на мала флота од електромобили во практиката.

Modellprojekt zur Elektromobilität der Bundesregierung,

Матијас Замсон, надлежен за елекромобилитет во Сојузното министерство за екологија, кое финансиски ја поддржа студијата, за нејзините резултати вели:

„Не би зборувал за некакво изненадување, оти веќе одамна дискутираме за сите аспекти. Но, некои од нив сега добија поткрепа, на пример, дека електромобилитетот на долг рок ќе се потпира врз хибридните концепти. Возила на чисто електричен погон со голема веројатност нема масовно да се пробијат“.

Истражувачите пресметаа дека по германските патишта ќе се движат околу 870 илјади автомобили на исклучиво електричен погон - но дури во 2050 година.

Автор: Андреас Бекер/Зоран Јордановски

Редактор: Борис Георгиевски