1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Полнолетство на хомофобијата

Политичката злоупотреба на ЛГБТ-прашањето, влијанието на верските заедници и бавното темпо на модернизација на општеството, ја мобилизираат хомофобијата, сметаат и експертите и припадниците на ЛГБТ-заедницата.

Република Македонија не располага со официјални податоци за прекршување на човековите права и дискриминација на сексуалните малцинства, а ниту една од институциите за човекови права не спроведува постојано надгледување на овие проблеми на систематски начин. Сето тоа се случува во време на континуирани и несанкционирани напади врз луѓето од ЛГБТ заедницата, кои покажуваат дека хомофобијата го достигнува својот врв. Последна цел на напад беше актерот Петар Стојковиќ, на кого непознати лица му го каменуваа домот, откако тој во колумна ја декларираше својата хомосексуална ориентација.

Зголемено насилство

Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТ- Центарот за поддршка, коренот на агресивната хомофобија го гледа во политичката злоупотреба на ЛГБТ- прашањето.

„Правам споредба со времето кога првпат јавно зборував за мојата хомосексуалност. И тогаш тоа не беше прифатено, и тогаш имаше хомофобија, но не беше проследено со вакво физичко насилство какво што има последниве месеци. Се' почна со изјавата на тогашниот министер за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, кој во пресрет на отварањето на ЛГБТ- Центарот за поддршка изјави дека додека е тој министер и неговата партија на власт нема да дозволат 'геј бракови' и посвојување деца, а таа тема всушност никој од ЛГБТ- заедницата не ја покрена. Тоа ја уби дебатата околу вистинските проблеми на ЛГБТ-заедницата и ја сетира атмосферата како крајно

Symbolbild Valentinstag lesbisches Paar Pärchen Homosexualität

Изворите на хомофобија во македонското општество имаат повеќеслојни аспекти

хомофобична и насилна. Во сето ова има влијание и односот на албанскиот политички блок, кој се однесува како ЛГБТ-прашањето да е 'македонска работа'", вели Андоновски.

Катерина Колозова, професор по родови студии, вели дека хомофобијата во Македонија не може да се објасни само со страв на власта од остварување на истополни заедници:

„Се конструира фама за барање кое никој не го поставил. Владата си отвори дијалог сама со себе за истополни заедници, кои никој во моментов не ги бара. Сметам дека тоа се смислени и координирани акции, со цел да го одвратат вниманието на јавноста од вистинските проблеми", смета Колозова.

Хомосексуалноста се лечи?

Последните неколку студии од 2009 година, покажуваат дека 91,6 отсто од граѓаните не ја одобруваат хомосексуалноста. За 62,2 отсто не е прифатливо нивните соседи да имаат сексуални односи со лица од ист пол. Повеќе од една деценија по декриминализацијата на машката хомосексуалност, 33, 7 отсто сметаат дека истополовите сексуални односи треба да се сметаат за криминален прекршок. И по отстранувањето на хомосексуалноста од списокот на болести, извршено од страна на Светската здравствена организација во 1991 година, за 48 отсто од испитаниците хомосексуалноста е болест, а 33 отсто не се согласуваат со тој став. Од испитаниците 19 отсто одговориле со „не знам" на прашањето како ја дефинираат хомосексуалноста. Од тогаш до денес ништо не е сменето во намалување високиот степен на хомофобија, смета Славчо

Symbolbild Valentinstag Schwules Paar Pärchen Ehepaar

Хомосексуалците се плашат од социјална изолација

Димитров, извршен директор на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници". Според него, изворите на хомофобија во македонското општество имаат повеќеслојни аспекти.

„Првиот е историски и културолошки, според кои хомофобијата е еден од темелите на културниот систем и неговите традиционални претпоставки. Тој систем има рефлексии и во образованието, па денес се' уште имаме учебници во кои хомосексуалноста се третира како болест, патологија, абнормалност, а и психијатри кои сметаат дека 'хомосексуалноста се лечи'. Црквата денес има една од клучните улоги во одржувањето на овој мизогин и хомофобичен систем, а мобилизатори на хомофобијата се и медиумите. Негативните ставови, сензационализмот, неинформираноста, стереотипите и говорот на омраза, се дел од основните карактеристики на медиумското претставување на хомосексуалноста во овие две децении", вели Димитров.

Модернизацијата на половина пат

Кај нехетеросексуалците во Македонија сè уште постои високо ниво на страв од социјална исклученост и стигматизација. Социологот Илија Ацевски причините за високиот степен на хомофобија ги гледа во фактот дека процесот на модернизација на македонското општество се' уште не е завршен.

„Тој процес е 'на половина пат'. За тоа придонесува влијанието на верските заедници, дефинициите што власта ги промовира за семејството како исклучива заедница меѓу маж и жена, но и непостапувањето и неосудувањето на нападите врз ЛГБТ-заедницата. Кај нас и законите се 'на половина пат'. Сите тие се за недискриминација, но всушност немаат таква сила, а дури и кога ја имаат, не се спроведуваат доследно", вели Ацевски.

Веројатно, тоа е и причината што редакцијата на Сакам.инфо деновиве изготви петиција по препорака на Амнести Интернешнел, со која ја повикуваат министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, да стави крај на атмосферата на неказнивост на хомофобичните насилства. Со петицијата се бара да бидат спроведени целосни, темелни и итни истраги на нападите кои се случија минатиот и овој месец врз луѓе од ЛГБТ - заедницата, врз нивните имоти и организации. Со потписот на петицијата автоматски се испраќа и порака до електронските пошти на премиерот Никола Груевски и на министерот за правда Блерим Беџети. Тие се повикуваат да додадат амандмани во законот за антидискриминација, со кои сексуалната ориентација и родовиот идентитет ќе бидат наведени како посебни основи за дискриминација, според меѓународни стандарди.