1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Полна уста, празни раце

Самитот на ОН во Њујорк посветен на милениумските цели заврши без конкретни ветувања. Целите планирани до 2015 година остануваат, заклучија 192 членки. Организациите за помош се сомневаат во остварливоста на ветувањата.

default

Самит без конкретизирање

Десет години по донесувањето на заклучокот за драстично намалување на сиромаштијата во земјите во развој до 2015 година, светската заедница го повтори на последниот ден од самитот за милениумските цели. Во завршниот документ е поздравен напредокот, но стои и фактот - ни оддалеку не се исполнети потребите на најсиромашнте во светот.

Речиси сите од околу 200 говорници, шефови на држави или влади, се изјаснија за развојна помош, но конкретни ветувања немаше. Слично беше и кај американскиот претседател Барак Обама, кој беше меѓу последните пред микрофонот. Тој ја потенцираше формулата по која ќе се раководат САД во иднина - помош за самопош, што подразбира поголема одговорност на земјите во развој во управувањето со добиените средства за развојна помош.

UN Milleniumsgipfel New York Angela Merkel

Повторен заклучокот за намалување на сиромаштијата

Членките на ОН пред десет години милениумските цели ги договорија заради борба против сиромаштијата, гладот и болестите, подобрување во образованието во земјите во развој и подигање на свеста за еколошките проблеми.

Позитивен и негативен биланс

Една од главните цели гласи - преполовување на сиромаштијата во светот до 2015 година.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун извлече истовремено позитивен и негативен биланс. Тој укажа на постигнатото: во последните десет години бројот сиромашни луѓе во земјите во развој, кои имаат помалку од 1,25 долари дневно, од 46 падна на 27 проценти. Во борбата против маларијата и другите болести е спасен животот на милиони деца. Во 2008 година десетпати повеќе инфицирани со ХИВ добиле современи лекови во споредба со пет години претходно.

Бан, на крајот на самитот, најави пакет тежок повеќе милијарди за помош со кој ОН сакаат да го подобрат здравственото згрижување на децата и жените. За таа цел следните пет години ќе бидат одделени 40 милијарди долари, а ќе значи спас за животите на 16 милиони жени и деца.

Ban Ki-moon besucht Gaza-Streifen

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун извлече мешан биланс

„Очекувам милијарди во спречувањето на непотребната смрт на жените и децата. Мораме да го запреме тоа“, истакна Бан.

Критики од хуманитарците

Бројни германски организации за помош го критикуваат резултатот на самитот во Њујорк.

Ако темпото на помош не се зголеми драстично, милениумските цели ќе бидат неостварени, вели Катрин Виланд од организацијата „Спасете ги децата“. Соња Вајнрајх од Евангелистичката служба за развојна помош укажува на се‘ поголемото кратење на помошта од страна на Германија, за разлика на зголемувањето на процентот на развојна помош од другите земји, како на пример Франција.

Индустриските земји, според ОН, треба да одделуваат 0,7 проценти од брутонационалниот производ за помош на земјите во развој, Германија сега одделува 0,4 проценти, со што е трета земја-донатор во светски рамки.

Автор: ЖА/ЕМФ/афп/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM