1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Полицијата упадна на плоштадот Таксим

Стотици полицајци во раните утрински часови (11.06) упаднаа на плоштадот Таксим во Истанбул. Тие со водени топови и со солзавец ги растураат демонстрантите кои тука се собрани со денови.

Опремени со блиндирани возила, водени топови и солзавец, специјалните сили на турската полиција навлегоа во реонот на плоштадот Таксим во Истанбул, каде веќе две недели се одржуваат демонстрации против плановите за реконструкција на околниот парк Гези.

Во реонот се чувствуваат тензии, јавуваат медиумите.

Градоначалникот на Истанбул, Хусеин Авни Мутлу, меѓутоа, изјави дека целта на операцијата е да се симнат плакатите од културниот центар Ататурк и од споменикот на Ататурк на плоштадот.

Претходно, турски телевизии објавија дека полицајците, опремени со заштитни панцири, се подготвуваат да ги растурат барикадите на демонстрантите кои кампуваат во центарот на градот.

Türkei Proteste gegen die Regierung in Izmir 10.06.2013

Протести против владата на Ердоган

„Акциите на полицијата не се насочени кон паркот Гези и Таксим“, изјави градоначалникот на Истанбул, додавајќи дека од утрово полицајците почнуваат да ја расчистуваат зградата на културниот центар и на споменикот од фотографии и плакати.

Демонстрантите зазеле позиции до барикадите и се подготвуваат за можна интервенција на полицијата. Турската полиција употреби солзавец ноќеска во Анкара за да растера стотици демонстранти кои веќе 11 дена демонстрираат против владата на премиерот Реџеп Таип Ердоган. Тоа беше трета ноќ на судири меѓу демонстрантите и полицијата во турскиот главен град.

Претходно, заменикот премиер Булент Аринч изјави дека Ердоган в среда ќе има средба со лидерите на демонстрациите. Ердоган се очекува в среда да има средба со претставници на Таксим солидарност, група ги претставува активистите за спас на паркот Гези во Истанбул, кој властите сакаа да го реконструираат. Тоа предизвика бран демонстрации кои прераснаа во бурни антивладини протести.

Во судирите на полицијата и демонстрантите се повредени околу 5 илјади луѓе, а три лица го загубија животот.