1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Полицијата трага по осомничените за нападот во Бостон

Американските истражни органи успеале да идентификуваат две лица за кои се сомневаат дека ги поставиле бомбите на маратонот во Бостон. Досега никој не е уапсен.

Неполни 48 часа по масакрот во Бостон, во кој загинаа тројца посетители, а повеќе од 170 беа ранети, американските истражни органи направија пробив во истрагата по виновниците за нападот. Властите се сомневаат дека еден од осомничените бил снимен од безбедносна камера во продавница, и се гледа како поставува торба во која била ставена бомба, меѓу илјадници граѓани собрани блиску до целта на маратонот. Безбедносни извори потврдуваат дека полицијата има фотографија од осомничениот, но се‘ уште не знае како се вика лицето. Слична е ситуацијата и со вториот осомничен, кој исто така бил идентификуван благодарение на камерите поставени на улиците и во околните дуќани.

Неколку американски медиуми во текот на ноќта објавија дека едно лице поврзано со нападите било уапсено, но тие информации подоцна беа демантирани и повлечени.

Полицијата со сигурност знае дека бомбите кои биле употребени во нападот биле од „домашна изработка“, односно се работело за лонци за готвење кои биле наполнети со експлозив, шајки и лагери.

Меѓу повредените во експлозијата, 14 лица остануваат во критична состојба, јавуваат медицински извори. Голем број од ранетите во експлозиите имаа повреди на екстремитетите.

Американскиот претседател Барак Обама најави дека денеска (18.04) ќе присуствува на комеморацијата на жртвите во нападот во Бостон.