1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Полицијата трага по бомбашот од Бон

Приведените лица под сомнение за поврзаност со поставената бомба во Бон се ослободени. Полицијата со фантомска фотографија трага по можниот сторител.

По алармот за поставена бомба германската полиција и натаму трага по главниот осомничен за поставување на чантата со експлозивна материја на главната железничка станица во Бон. Истражните органи вчера објавија фантомска фотографија од човекот по кој се трага, врз основа на искази на еден ученик - сведок. Се проверуваат и снимките од безбедносните камери на станицата.

Две осомничени лица, кои вчера беа приведени се повторно ослободени. Полицијата во Келн соопшти дека првичните индиции не се потврдиле. Според информации од безбедносни кругови едниот приведен бил Сомалиецот Омар Д., кој се смета за дел од исламистичката сцена. Исто така и вториот приведен, според германските медиуми е дел од оваа сцена.

Причините за поставување на чантата не се познати. Се’ уште се испитува и точната содржина во чантата. Исто така се’ уште е отворено дали инцидентот на железничката станица во Бон навистина беше обид за терористички напад, имено иако чантата содржеше експлозивен материјал, детонатор досега не е пронајден. Магазинот „Шпигел“ информира дека во чантата имало бутан гас и амониум нитрат како и метална цевка, часовник и батерии.

Сојузното државно обвинителство досега не се вклучи во случајот. Доколку меѓутоа постои сомневање за терористички чин тогаш би можело да ја преземе истрагата.

Министерот за внатрешни работи на Баварија Јоахим Херман алармот за поставена бомба во Бон го означи како „нов знак за аларм, дека во секое време мораме да сметаме на напади  исто и од исламистичкото опкружување“ изјави Херман за весникот „Пасауер ноје пресе“.