1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Полицијата стравува од нови безредија на салафистите

По инцидентите во Бон минатиот викенд, полицијата има сознанија за планирање насилства на салафистите и во Келн. Таму за денеска е закажан предизборен собир на десноесктремната партија „Про НРВ“.

Поради тоа властите им забранија на околу 100 радикални исламисти да влегуваат во Келн, соопшти министерството за внатрешни работи на покраината Северна Рајна Вестфалија. Освен тоа, десните екстремисти од „Про НРВ“ не смеат да демонстрираат во близина на џамии и да покажуваат карикатури со критичка содржина кон исламот. Претходно, судовите во Минден и Арнсберг дозволија покажување на карикатури на Мохамед.

По безредијата од викендот (05/06.05) во Бон, покраинските министри за внатрешни работи од редовите на Христијанско-демократската унија бараат остри казни. Сите насилници мора да одговараат за она што го сториле и да добијат остри казни, изјави баварскиот министер за внатрешни работи Јоахим Херман за „Билд.де“. Според него, салафистичката сцена мора да биде под поголем надзор. Херман изјави и дека кај речиси сите терористички планови и напади во изминатите години, безбедносните служби во Германија утврдиле некаква врска со салафизмот и радикализација преку салафистичка пропаганда.

Во судирите на салафистите и полицијата во Бон, во саботата (05.05) беа повредени 29 полицајци, од кои двајца тешко. Против еден 25-годишен салафист е издаден налог за апсење поради трикратен обид за убиство на полицајци. Бонското обвинителство соопшти дека лицето од Хесен е познато поради неколкукратно нанесување телесни повреди. Напаѓачот го признал делото, односно нападот врз полицајците, но негира дека имал намера да ги убие.