1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Полицијата со сила ги избрка демонстрантите во Истанбул

Полицијата во Истанбул со водени топови ги избрка демонстрантите од паркот Гези. Премиерот Ердоган за денеска (16.06) најави посета на градот. Демонстрантите се огорчени.

Полицијата синоќа спроведе голема акција расчистувајќи го истанбулскиот плоштад Таксим и паркот Гези од демонстантите, кои таму живеат во протестен логор повеќе од две недели. Повторно беа употребени водени топови и солзавец.

Кратко претходно премиерот Реџеп Таип Ердоган одржа говор пред илјадници свои приврзеници во Анкара. Тој им постави до денеска ултиматум на луѓето во паркот Гези:

„Или ќе го напуштите паркот, или безбедносните сили знаат што треба да направат“, им се закани Ердоган.

„Акција против човештвото“

„Пред да почне полициската акција, полицијата преку мегафони ги предупреди демонстрантите, истакнувајќи дека прават нешто нелегално и треба да заминат. Но, ние останавме, зашто она што го правиме не е илегално. Напротив, незаконски е она што го прави владата“, вели 24-годишниот демонстрант Илиас Куртча за Дојче веле.

„Во паркот Гези имаше многу деца и мајки, зашто беше сабота вечер. Одеднаш сите почнаа да трчаат“, вели тој. Полицијата ги опколила демонстрантите, така што да не можат да бегаат, раскажува Куртча. И шефицата на германската Партија на зелените, Клаудија Рот, која во знак на солидарност беше со активистите во паркот Гези, е вчудовидена од односот на полицијата.

„Многумина се обидоа да избегаат во околните хотели. Дури и пред хотелите и пред здравствените станции беше пукано со бомби со солзавец“, известува Илиас Куртча. Друга жена-очевидец се жали на проблеми со дишењето, почувствувани во хотелот Диван, покрај паркот:

„Дури и во хотелот го почувствувавме солзавецот. Ова е акција против човештвото“, известува таа. Очајните демонстранти преку Твитер побарале помош дури и од ОН. Други очевидци сведочат за апсења и употреба на сила од страна на полцијата, дури и електрични палки. Истанбулскиот градоначалник Хусеин Авни Мутлу вака ја оправда полициската акција:

„Ги замоливме демонстрантите да го прекинат протестот. Полицијата упадна дури по предупредувањето“.

„Однапред планирано“

Само кратко претходно премиерот Ердоган покажа подготвеност за дијалог. Во четвртокот вечерта (13.06) тој се сретна со претставници на „Платформата на солидарност Такисм“, една од позначајните групи на протестното движење. Ердоган последните денови се обидуваше да ги натера да си одат.

„Вашата порака е примена“, тврдеше тој. Едно од главните барања на протестното движење е всушност казнување на одговорните за полициското насилство. Демонстрантите сметаат дека тоа се‘ уште не е исполнето и вчера попладнето најавија продолжување на отпорот.

„Ердоган покажа подготвеност за преговори, зашто со тоа сакаше да ја легитимира употребата на сила. Беше јасно дека ќе нападне“, вели една млада демонстрантка за Дојче веле. Разговорите и полициската акција, се‘ било планирано однапред, убедена е таа. Друга деминстрантка гледа нешто позитивно и во насилниот судир:

„Турската младина последните години спиеше. За време на владеењето на Ердоган имаше многу нешта што не ни се допаѓаат, но никој ништо не велеше“, вели таа. Но, сега, смета таа, турскиот народ ќе излезе на улици и за поситни нешта, за да не се повтори она што се случи.

„Подготвени да умрат“

За денеска Ердоган најави собир во Истанбул. Во 18 часот вечерта тој ќе се обрати пред илјадници приврзеници на неговата Партија на правдата и развојот во квартот Казличешме, кој важи за исламско-конзервативна средина. Низ цел Истанбул, во меѓуврем,е се поставени плакати на кои Ердоган ги повикува своите следбеници на демонстрации. Граѓаните во Истанбул се гневни и очекуваат големи безредија со оглед на планираната посета.

„Тоа ќе биде крупен настан. Ние демонстрантите сите ќе маршираме кон плоштадот Таксим. Ќе има многу повредени, можеби и мртви. Дури и демонстрантите од другите турски градови ќе допатуваат за да не‘ поддржат. Ние ќе бидеме поделени: со и против Ердоган“, вели една млада демонстрантка за Дојче веле.

Еден учесник на протестите, пак, ја истакнува подготвеноста и да умре, ако мора.

„Тоа ми е целосно сеедно“, резигниран е 50-годишниот човек. Друг демонстрант може само да се смее на најавената посета на Ердоган. Тој се однесува како дете, кому му е одземена играчката, вели 24-годишниот млад човек.

„Овој театар никој не може да му го одземе. Никој веќе не му верува“. Млада демонстрантка е убедена дека посетата на Ердоган е причината за полициската акција:

„Така тој може да се искачи на бината без да го чувствува притисокот на демонстрантите на плоштадот Таксим“, вели таа. Но, планот на демонстрантите е следниот - тие сите заеднички ќе маршираат.