1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Полицаец, најпосакувана професија

Полицијата на Р. Македонија годинава регистрира голем број кандидати, кои се јавуваат на конкурсите за вработување. Од каде доаѓа ваквиот тренд и зошто експрертите критикуваат?

default

Македонската полиција

Македонското министерство за внатрешни работи само во последниве 12 месеци вработи 400 лица - полицајци, службеници во секторот за организиран криминал и во други оддели. Приближно по половина Македонци и Албанци, како и по некој припадник од другите етникуми.

МВР–„престижна институција“, или сигурен работодавач?

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска објаснува: „Постои огромен интерес за вработување во Министерството за внатрешни работи. За само 150 позиции аплицирале 4517 кандидати. Министерството за внатрешни работи, со сите активности што ги презема, претставува престижна институција, во која младите луѓе се мотивирани да работат.“

Билјана Ванковска, професорка на катедрата за одбранбени и мировни студии на државниот Филозофски факултет во Скопје со свој коментар: „Полицијата се зголемува многу повеќе од која било друга институција, што не е добро за една демократска држава. Останува да погодуваме: Дали државата е единствениот сигурен вработувач, така што и младите луѓе одат во институција, каде што сметаат дека имаат сигурна вработувачка?“

Новоизбраниот началник на Секторот за внатрешни работи во Тетово Екрем Реџепи го посочува основниот приоритет – функционирањето заради граѓаните: „Секторот за внатрешни работи може да се носи во борбата против криминалитетот, се во интерес на граѓаните, на нивната лична безбедност и на нивниот имот.“

Наместо едуцирање професионални кадри– „инсталирање“ партиски „послушници“

Доктор Ванковска го критикува вмешувањето на политичките партии во активностите на полицијата: „Непрофесионалноста во регрутацијата на кадрите се согледува не само преку процесот на некакво нивно брзо, преку ноќ едуцирање. Зголемувањето на бројот на припадници од албанска националност се прави обично според некој партиски клуч. Тука не градиме професионална и квалитетна полиција, туку послушници. Секоја од владејачките партии – која како ќе се најде – гледа да уфрли свои луѓе, луѓе од доверба.“

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи Иво Котевски укажува на еден од основните организациони принципи и начини на работење: „Генерално, значи во сите етнички мешани средини постојано на терен се упатуваат етнички мешани полициски патроли.“ Котевски дополнува: „Приближно, 20 проценти од вкупниот број вработени во Министерството за внатрешни работи отпаѓаат на етничките заедници. Тоа говори доволно колку сериозно се постапува според одредбите од Рамковниот договор, дека сме на добар пат да изградиме современа европска, мултиетничка полиција“.

Каква е довербата во полицијата?

Професорката Ванковска заклучува: „Истражувањата на јавното мислење околу довербата во полицијата покажуваат дека е тоа поделено значително. Граѓаните и по етничка линија ги подвојуваат ’своите’ и ’другите’, а тоа значи дека полицијата не успеала да се претстави себе си како државна институција, која е еднаква и која е во служба на граѓаните, а не на етничките групи.“

Во МВР велат дека новиот закон за полиција е спроведен во целост, со што е исполнет еден од критериумите, односно, бенчмарковите за добивање датум за преговори за македонското евроинтегрирање.