1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Полицаец во секое македонско училиште

Заради поефикасно справување со насилството во училиштата и поголема безбедност на децата, за секое основно и средно училиште ќе биде одговорен полициски службеник.

default

Мерки против насилство во училиштата

Tаквата мерка е дел од новиот проект наречен „Полицијата и учениците се дружат“, кој денеска го најавија министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, министерот за образование и наука Панче Кралев и шефот на Мисијата на ОБСЕ, Ралф Андреас Брет. Проектот има за цел да ја подобри безбедноста во училиштата и да ја намали деликвенцијата меѓу младите луѓе.

„Проектот опфаќа околу петстотини основни и средни училишта, за кои се задолжени над 150 полициски службеници. Тоа практично значи дека учениците, нивните родители и вработените во училиштата, во секој момент ќе знаат кому да се обратат за каков било проблем, а потоа обврска на одговорниот службеник е да процени дали може сам да го реши проблемот или ќе побара дополнителна помош“, рече министерката Јанкулоска.

Проект со поддршка од ОБСЕ

Mazedonien Klassenzimmer

Дел од проектот на ОБСЕ е и прирачникот „Реонскиот полицаец ве советува“, наменет за најмладите и нивната безбедност. Шефот на Мисијата на ОБСЕ Ралф Андреас Брет, рече дека училишниот прирачник подготвен од МВР, а поддржан од ОБСЕ, ќе служи за запознавање на учениците со работата на полицајците, безбедно однесување на интернет, на телефон, дома, на училиште и на улица.

„Прирачникот има за цел да стигне до семејството, домот и родителите за да се подигне свеста за безбедноста на децата“, рече Брет.

Министерот за образование и наука Панче Кралев рече дека проектот не е решение за проблемите со насилството во училиштата, но е позитивен чекор во таа насока.

„Планираме освен полицијата да ги вклучиме родителите, наставниците, учениците и сите кои на некој начин се инволвирани во образованието во Македонија за да се справиме со насилството во училиштата“, рече тој.

Голем број инциденти во училиштата

Schule Niko Nestor

Според случаите пријавени во полиција, во учебната 2010/2011 година регистрирани биле вкупно 57 случаи на насилничко однесување од страна на ученици. Најголем дел од нив, 38 случаи биле регистрирани во или пред средните училишта, додека 16 се пријавени во или пред основните училишта. Во 42 од овие случаи била применета физичка сила, во четири случаи насилниците употребиле нож, а во девет биле употребени други тврди предмети.

„Тоа што е најтрагично во овој црн биланс е дека имавме едно убиено дете и уште 68 повредени меѓу кои имаше и еден професор“, рече Јанкуловска и додаде дека полицијата без исклучок реагирала во сите случаи по што биле поднесени седум кривични пријави против 34 сторители, како и 24 прекршочни пријави против 60 лица.

Автор: ЖА/ТТ/макфакс

Редактор: Трајче Тосев