1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Политички говори: стилот подобар, јазикот ист

Политичкиот јазик е тензичен и манупулативен, но стилски поусовршен во однос на претходните изборни циклуси, велат комуниколози и лингвисти.

Каков говор употребуваат политичарите во изборната кампања - директен, зајадлив и груб, или коректен и софистициран? Одговорот на ова прашање е едноставен за сите кои внимателно ги следат обраќањата на политичарите пред електоратот. Политичкиот јазик е тензичен и манупулативен, но стилски поусовршен во однос на претходните изборни циклуси, велат комуниколози и лингвисти. 

Според Људмил Спасов, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески" на УКИМ, говорите во оваа кампања покажуваат дека политичарите напреднале.

„Се гледа дека ги совладале вештините на убавото зборување. Стилот им е подобар, веќе нема импровизации. Говорот има јасна структура, вовед, мала и голема поента, кулминација. Но и натаму го користат говорот како алатка за манипулација и го злоупотребуваат зборот демократија. Се разбира, ниеден диктатор не ветувал дека ќе воведе диктатура, сите ветувале демократија", вели Спасов.  

Услуги од пишувачи

Wahlveranstanstaltung VMRO DPMNE Skopje

Митинг на ВМРО - ДПМНЕ

Иако во Македонија не постои професија пишувач на говор (speechwriter) како во постарите демократии, политичарите почнуваат делумно да користат услуги на пишувачи, пред се', од редот на најблиските соработници. Според комуникологот Петар Арсовски, од тој аспект се забележува „значаен придонес" во политичките говори.

„Главните поенти политичките лидери ги пишуваат сами, но завршната обработка, онаа со детали и анегдоти кои му даваат белег и живост на говорот, ја даваат нивните соработници. Инаку, говорот на политичарите и натаму е тензичен, со висока нота, но тоа и не е најголемиот проблем. Проблем е што денес никој не им се обраќа на граѓаните. Никола му се обраќа на Бранко, Бранко на Никола. Во тоа нивно меѓусебно обраќање има и говор на омраза, ако под тој термин се подразбира поттикнување негативни чувства кон политичкиот опонент, а во говорите слушаме оценки како некој 'ги мафта', 'ги шиша' или 'ги вози' своите приврзаници", објаснува Арсовски.

Политички редукционизам

Игор Мицевски, предавач на Високата школа за новинарство во политичките говори гледа нов степен на ескалација на два типа неодговорно однесување, со несогледливи последици: заострување на етно - националистичките дискурси на политичките елити и ескалацијата на т.н. демонизација на политичкиот опонент.

Mazedonien Wahlveranstaltung Opposition SDSM

Митинг на македонската опозиција

„Првиот момент е непосредно индуциран од нервозата поврзана со процесите во Струга и Кичево и етничките коалиции, и се манифестира во говори и написи во кои се споменуваат 'етнички чистења', 'освојувања градови и општини', страдање од 'противната етничка група' - дискурси кои веќе никој не се ни обидува да ги стави во ракавици. Вториот момент е кулминација на анимозитетот помеѓу партијата на власт од една, и на опозицијата, од друга страна. Тој се манифестира преку посочување на 'архе-предавници' и на одговорни за 'демакедонизација на делови од државата", посочува Мицевски.  

Според него, токму тие два момента се исплатливи за политичките партии, бидејќи овозможуваат „политички редукционизам" - тенденција сложеностите на општествената стварност да се сведат на персонификации како „Бранко" или „Грујо" или на етнички како „Албанци" и „Македонци", за да избегнат разговор за она за што мора да се разговара сега.

„Се плашам дека голем дел од електоратот се' уште не ја гледа јасно стратегиската тежина на тој редукционизам. Затоа и на овие избори гледаме како локалните теми тонат во длабоката сенка на 'решението со името', 'транзициските профитери', и 'референдумот за територијалната поделба'. Затоа и на овие избори сме толку далеку од она што може да се нарече 'и бледа политичка дебата', бидејќи нема кој да ги постави непријатните прашања", укажува Мицевски.

Камерите честопати ги „ловат" граѓаните на митинзите како се смеат на досетките во говорите на нивните политички истомисленици, но, дали состojбата е навистина толку релаксиранo-забавна?

„Ова повеќе не е 'забавно', туку покажува дека политичките елити во Македонија имаат предаторски карактеристики, а граѓанството се' уште не може да ги заузда", оценува Мицевски.

Поврзана содржина