1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Политички ботови ги поплавуваат социјалните медиуми

Ботовите - автоматизирани профили во социјалните мрежи – преземаат дел од политичката комуникација. Армија ботови може да влијае на дебатите во интернет и да предизвика спор меѓу корисниците. Дали се сите ботови лоши?

Речиси секој корисник на Твитер некогаш се среќава со бот: нов следбеник, коj, наместо фотографија, на својот профил го има стандардниот безличен симбол и кој точно еднаш дневно на 140 знаци твитува нешто повеќе или помалку содржински, веројатно е некој таков автоматизиран профил (акаунт).

Многу често спем-ботови се користат за комерцијални цели. Но, има и креативни ботови: @MagicRealismBot (со речиси 40000 приврзаници, од кои сигурно голем број исто така се ботови) е така програмиран, што на секои два часа според принципот на случаен избор испраќа твитови кои имитираат текстови на магични реалисти како писателите Хорхе Луис Борхес или Габриел Гарсија Маркез.

Манипулирани онлајн-дебати

Подемот на ботови отвори многу нови прашања – на пример во политиката. Тие како следбеници можат да создадат впечаток дека поддршката за некој политичар е поголема отколку што е фактичката. Армии од ботови можат да торпедираат и цели дебати во интернет, кога со маса твитови ги маргинализираат аргументите на другата страна, или пак кога кај одредени клучни поими ботовите стартуваат самостојно онлајн-дебата со други ботови и корисници.

„Ботовите често се вмешуваат во преписките на други. Следиме како тие дискутираат со други ботови или како корисници дебатираат со ботови“, оценува за ДВ професорот Фил Хауард од Оксфордскиот институт за интернет.

За корисникот поединец може да биде екстремно тешко да препознае некој бот. Но, според научникот, има неколку индиции за нивното постоење – на пример, неурамнотежени профили: „Ако некој корисник во твојата мрежа се чини дека има илјадници следбеници, но тој самиот е следбеник на само едно лице, тогаш тој веројатно е бот“.

Ботовите станаа и алатка на авторитарни режими, кои сакаат да извршат влијание врз дебати во интернет. Но, нив ги користат и политичари во демократски држави за да извршат влијание врз ставот на народот во спорни прашања или за да собираат гласови на изборите. Мексико и Турција се вбројуваат во државите кои особено интензивно користат ботови.

Опасност за демократијата?

„Ние не можевме да идентификуваме ниеден бот кој го променил јавното мислење во одреден правец“, малку ја релаксира ситуацијата истражувачот на ботови, професорот Хауард. „Ботовите најдобро ја вршат задачата кога треба да предизвикаат забуна или сосем да задушат некоја политичка дебата за глобална тема во која е вмешано некое авторитарно раководство“.

Ботовите, според него, се многу активни во Русија како дел од една успешна севкупна стратегија за ширење погрешни информации или за замаглување на одредени теми. Тој укажува и дека на почетокот на војната во Сирија, кога новинарите и заинтересираната јавност во странство сакаа да добијат слика за состојбата, режимот во Дамаск со помош на ботови „ја поплави мрежата со хаштаг #Syria и со тоа ја уништи како извор на информации за отпорот во земјата“.

Дали се ботовите опасност за демократијата? Можна ли е иднина во која на изборите ќе победува партијата со надмоќни ботови? Сејф Севиџ, која е научен соработник за компјутерска проблематика на универзитетот Вест Вирџинија, не е загрижена: „Мислам дека ние како општество многу веројатно ќе востановиме норми каков вид ботови прифаќаме, а каков не прифаќаме. Кога, на пример, некој кандидат ќе биде откриен дека има армија од ботови, општеството ќе го казни. Од друга страна, пак, кандидати кои одговорно користат ботови за подобро да комуницираат со избирачите, можат и да бидат наградени од нив“, вели таа.

„Ботивисти“ како политички активисти

За своите истражувања Севиџ врз таа основа програмира ботови кои треба да ги мобилизираат граѓаните и да учествуваат во политички кампањи. Нејзиниот „ботивист“, на пример, може за одредени идеи да дискутира со групен извор („краудсорсинг“): „Ботот, на пример, бара и наоѓа корисници кои се жалат на корупција и потоа нив ги прашува како може таа да се сузбива“.

Дури и ако профилите можеле да бидат идентификувани како ботови, граѓаните соработувале со нив. Савиџ смета дека ботивистите не треба да залажуваат дека се реални луѓе, иако тоа би предизвикало поголем одзив (фидбек), оти доброволците на подолг рок би се почувствувале изиграни ако за некоја машина инвестирале време без да го знаат тоа.

Истражувачката е убедена дека „ботивистите“ имаат сјајна иднина: „Вистински идеално кај ботовите е дека можат да досегнат до голем број луѓе на платформите на социјалните медиуми. Не мора прво да се чека корисниците да ја преземат апликацијата, туку со ботот веднаш имаш пристап кон голема група лица“.

Активистите на движењето Black-Lives-Matter на друг начин со ботови ги мотивираа приврзаниците: @StayWokeBot твитуваше избор од поетски изјави колку се важни одредени членови за движењето. Многумина од оние на кои им беше упатен, му одговорија на ботот со коментари од типот „Благодарам, со тоа ми го спаси денот“.