1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Политичките состојби во Македонија во дебатата меѓу Ахмети и Џафери

Политичките партии на Албанците во Македонија ги интензивираат подготовките за парламентарните избори. Тие ја заоструваат меѓусебната предизборна реторика.

Демократската унија за интеграција според сегашните најави ќе настапува сама на парламентарните избори. Лидерот на партијата Али Ахмети негира дека има какви било приближувања кон ВМРО – ДПНЕ. Опозиционата Демократска партија на Албанците на големо ги собира околу себе противниците на ДУИ и на Ахмети, но се испраќаат и взаемни сигнали со традиционланиот партнер ВМРО – ДПМНЕ.

Овие денови во Кичево беше објавено преоѓањето на целиот огранок на партијата Нови демократски сили на Хисни Шекири кон ДПА. Арбен Џафери и Мендух Тачи го кооптираа како член деновиве и Бардел Махмути, екс министерот за надворешни работи на поранешната преодна влада на Косово и поранешниот политички раководител на косовската ОВК. ДПА за денеска најавува и нова прес конференција на која ќе се соопштело дека и челници на една друга политичка партија ќе прејдат кон нив.

Али Ахмети на овие забрзани активности на неговиот главен опонент останува барем привидно, без поголема возбуда. Тој манфестираше такво расположение и вчера вечер на првото три часовно телевизиско соочување со Арбен Џафери на програмата на албански јазик на државната Македонска телевизија. Претходно ДПА ја отфрли неговата понуда да потпишат меѓусебна спогодба за оддржување фер и демократски избори, каква што беше потпишана од страна на двајцата партиски лидери пред локалните избори.

Џафери вчера истапи со познатите напади врз Ахмети. Од неспроведувањето на Охридскиот договор до предавството во поглед на целите поради кои се случи конфликтот во 2001 година. Ахмети одговори: „Албанците денеска во Македонија се државотворен народ, тие се рамноправни со Македонците, а што се однесува до Рамковниот договор преостанува да се донесе законот за официјалната употреба на албанскиот јазик.“ – рече Ахмети.

На телевизискиот дуел се одрази и генералната позиционираност на двајцата лидери. На прашањето дали ја чувствуваат Македонија како своја татковина? одговорија:

„Македонија е моја татковина, друга немам. Иднината ја гледам тука. Сонував тука да живеам, Албанците да бидат рамноправни. Јас сум непоправлив оптимист дека тоа ќе се стори набргу.“ рече Ахмети.

Арбен Џафери пак истакна:

„Јас сум државјанин на Македонија. Но додека таа не се концепира со сите свои параметри и како национална држава на Албанците, јас не можам да ја наречам Македонија како своја татковина.“

Практично околу престојните парламентарни избори Али Ахмети и Арбен Џафери вчера останаа секој во своите табори.