1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Политичка криза или нова бура во чаша вода?

Нема да има политичка криза од поголеми димензии, оценуваат и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, по одлуката на социјалдемократите да го замрзнат своето учество во некои тела.

СДСМ одлучи да го стави во мирување учеството во Комисијата за 24 декември и во активностите на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а советниците на СДСМ нема да учествуваат на првата наредна седница во сите општини. Тоа е одговор - реакција на партијата, која се сомнева дека акцијата за апсење на претседавачот на Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ, за случајот „Машинопромет", е само инструмент преку кој власта сака да ја закочи работата на Советот во Центар, во кој опозицијата има мнозинство од еден советник. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вчера нагласи дека не бара амнестија за Шиповиќ, туку укинување на притворот, со што власта ќе покаже дека целта на истрагата е финансиски криминал, а не блокада на работата на Општина Центар.

„Целта е да не се објават документите за најголемиот грабеж на народни пари во историјата на Македонија", изјави Заев, алудирајќи на проектот „Скопје 2014", за кој општината Центар нарача посебна ревизија, чии резултати треба да бидат објавени до крајот на годината. Тој тврди дека СДСМ нема намера да предизвика криза.

„Нашата намера е да го вратиме дијалогот во општеството. Колку што ќе бидеме критични кон грешките на власта, толку и конструктивни кон добрите чекори. Ја напуштивме политиката на отпор и бојкот, но, оваа дрскост на власта, не можеме немо да ја следиме. Ќе организираме протест во знак на солидарност со висок член на партијата, а против политички мотивирани процеси", изјави

Politik Skopje, Mazedonien

Зоран Заев

Заев за Дојче веле.

Школата на Црвенковски"

Во кампусот на власта не се изненадени од потезите на СДСМ. Илија Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и директор на партискиот Центар за комуникации, вели дека во потезите на СДСМ се препознава „школата на Црвенковски".

„Не толку одамна, Црвенковски јавно објаснуваше како тоа премиерот треба да крене една слушалка и да заврши ваква работа. Ние разбираме дека тоа така се работело во време на СДСМ, но ВМРО-ДПМНЕ не работи на тој начин, ниту пак некогаш ќе работи. ВМРО-ДПМНЕ ниту досега, ниту во иднина има намера да се меша во работата на Јавното обвинителството и судовите, како што воопшто не се мешаше кога овие институции притвораа и затвораа членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ осомничени за прекршување на законите", потенцира Димовски.

Тој потсетува дека согласно со законот не постои можност ВМРО-ДПМНЕ да ја преземе власта во општина Центар бидејќи, ако Шиповиќ се повлече или поднесе оставка на негово место доаѓа повторно човек од листата на СДСМ. Но, социјалдемократите се повикуваат на бројни примери, кога во случаи на тесни мнозинства, власта под притисок и уцени многу брзо купува „играчи" за својот тим. Професорот по право Владо Поповски, кој е советник во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, не верува дека ќе се развие криза, иако смета дека дијалогот и досега не се одвивал како што треба.

„Ова што се случува е ловење на момент, со кој пред граѓаните сакаат да покажат дека нешто не чини на другата страна, а со намера да одржуваат рејтинг и да заработат поени. На случаите што ги користат за вакви реакции, им даваат поголемо и поинакво значење од она што реално го имаат. Во случајот со претседавачот на Советот на Центар, пред да обвинат дека се работи за политички монтиран случај, треба да почекаат да се произнесе судската власт. Одлуката за притвор или укинување на притвор не може да ја донесе партија, туку надлежните правосудни органи. Со ова, СДСМ си ја зема улогата на истражен судија, а со одлуката да го стави во мирување учеството во Комисијата за 24 декември и во ЗЕЛС, активираат механизми за притисок кои се познати само во 'таканаречените демократии', во кои не функционира правниот поредок. Тоа покажува дека не сакаат да ги зајакнат правните елементи на институциите", заклучува Поповски.

Три во едно

Од забелешките што доаѓаат од опозицискиот табор, може да се заклучи дека „случајот Шиповиќ" е последната капка што ја прелеала чашата. На списокот забелешки доминира континуираниот притисок врз „опозициските општини" и нивното развојно и буџетско игнорирање. Го прашавме Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово, кој е и потпретседател на ЗЕЛС, што ќе постигнат социјалдемократите со повлекување на нивните градоначалници од ова тело.

„Не знам што ќе постигнеме, но мора да испратиме јасна порака. ЗЕЛС е поддржана од Швајцарија, но и од Германија и други членки на ЕУ како

Andrej Zernovski

Андреј Жерновски

институција која ги штити интересите на општините во Македонија. Но, каков е односот на централната власт кон општините со кои раководи опозицијата? Куманово, на пример, никаде го нема на инвестициската карта на Владата или на одделни министерства. Ќе испратиме порака до поддржувачите на ЗЕЛС во ЕУ, дека во Македонија е суспендиран процесот на децентрализација и законот за рамноправен регионален развој. Дека ЗЕЛС не е платформа за акламативно прифаќање на одлуките на Владата, туку дека треба да биде преговарач за процесите во децентрализација и рамномерен развој", вели Дамјановски. Неговата изјава е јасна потврда дека незадоволството на СДСМ не е канализирано само на забелешките за политички мотивирани прогони. Истото го потврдува и Кире Наумов, кој беше еден од противкандидатите на Заев за лидерската функција.

„Потезите на СДСМ се очекувани и соодветни за настаните во земјата. СДСМ мора да одговори на фрустрациите на власта, која некоректно ја користи кооперативноста на новото раководство на СДСМ. Власта си запишала дека мора да има апсолутна власт и покажува дека не може да се помири со фактот дека во четири општини локалната власт ја има опозицијата. Затоа и постојано врши притисок врз нив. Но, желбата за апсолутна власт подразбира и апсолутна одговорност. Ако дојде до прекин на меѓупартискиот дијалог и политичка криза, одговорноста ќе мора да ја сноси власта", укажува Наумов. СДСМ денеска напладне ќе протестира против притворот за Шиповиќ пред Основниот суд во Скопје. Во протестот ќе се придружат и членови на Либерално-демократската партија, од чии редови е градоначалникот на општината Центар, Андреј Жерновски. Аналитичари кои сакаат да останат анонимни, се уверени дека ова нема да биде ни „погодок во центар" ни епицентар на нова криза, туку уште една можност власта да извојува победа на опозициски терен, обвинувајќи ги СДСМ и ЛДП за непочитување на стандардите на правната држава.