1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Политичка и правна димензија на спорот со името

Скопје и Атина ги подготвуваат аргументите со кои ќе настапат пред судот во Хаг, откако Македонија поднесе тужба дека Грција ја прекршила Времената спогодба. Експертите сугрираат да продолжат политичките преговори.

default

Медијаторот Нимиц при посета на Скопје

Македонија и Грција влегуваат во долга судска процедура во која ќе треба да докажат, дали е прекршена или се почитува Времената спогодба меѓу двете земји, постигната во 1995 година. По Скопје, и властите во Атина го определија својот експертски тим. Стручњаците што ќе ги застапуваат ставовите на Грција пред хашкиот суд ќе им се спротивстават на тројцата меѓународни експерти од САД, Франција и Велика Британија, што неодамна ги ангажираше македонската влада.

Преговорите за името треба да продолжат

Откако македонската влада ја поднесе тужбата против Грција дипломатите, државници и некои домашни експерти им сугерираат на властите во Македонија дека спорот околу името има политичка димензија и без негово решение земјата нема да може да стане членка на НАТО и ЕУ. Последните добронамерни укажувања дојдоа од хрватскиот претседател Стипе Месиќ и албанскиот премиер Сали Бериша, како партнери од Јадранската тројка. Тие на Македонија и препорачуваат нова рунда дијалози со Грција.

Американскиот амбасадор во Скопје, Филип Рикер, вчера изјави дека САД веруваат оти може да продолжат преговорите со Грција. Сепак одлуката за тоа нешто според него треба да ја донесат македонските власти. Рикер им порачува на властите помалку да се фокусираат на Грција, а повеќе на интересите на земјата. Тој го повтори ставот дека САД не влијаеле врз одлуката на Македонија да ја тужи Грција пред Меѓународиот суд за правда.

Името на новиот преговарач сеуште непознато

Од друга страна македонската влада сеуште тактизира да го определи својот нов преговарач во Њујорк, по смената на амбасадорот, Никола Димитров. Името на новиот преговарач се очекува да биде објавено за околу две недели. Изминативе денови македонскиот премиер, Никола Груевски, министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски и шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протоѓер интензивно трагаат и ги селектираат можните кандидати.

Владини извори велат дека шефот на дипломатијата Антонио Милошоски неколку пати веќе контактирал со преговарачот на ОН, Метју Нимиц, за да го увери дека Македонија останува дел од преговорите со негово посредништво.

DW.COM