1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Политичката шпага“ на Германија во Сирија

Германската влада многу јасно објави дека нема да учествува во воената акција, која американскиот претседател Обама сака да ја започне, доколку добие дозвола од Конгресот. Дали Германија повторно прави „политичка шпага“?

„Ќе почекаме да се докаже дали имало хемиски напад, а потоа ќе бидеме на страната на оние кои се подготвени врз основа на тоа да донесат одлуки“, изјави германскиот министер за одбрана Томас де Мезие на средината на минатата недела. Кон крајот на неделата владата во Берлин јасно даде до знаење дека под тоа во никој случај не подразбира воени удари. Германија воопшто нема да поддржи интервенција во Сирија.

Според Кристијан Хаке, политиколог на Универзитетот Бон, Берлин со тоа ја продолжува својата препознатлива надворешна политика.

„Германија не отстапи од својот модел на водење на политиката. Таа е подготвена да биде солидарна само тогаш кога тоа нема воопшто да чини и нема со себе да носи некаков ризик“, смета политикологот Хаке.

Владата во Берлин на тој начин си игра со својата веродостојност во очите на меѓународната заедница. Хаке смета дека одлуката да не се учествува во воената интервенција во Сирија е паметна, но како грешка го смета тоа што минатите месеци постојано се зборуваше дека мора да се собори режимот на претседателот Башар ал-Асад.

„Со тоа се разбудија очекувањата, и тоа не само кај сириската опозиција, кои сега не можат да се преточат во стварност“, тврди Хаке.

Што остана од начелото „Одговорност за заштита“

Rolf Mützenich (SPD) im Bundestag

Ролф Мицених, портпарол за надворешнополитички прашања во опозициската СПД

Освен тоа, Германија во ОН беше една од главните заговорници за начелото „Одговорност за заштита“. Оттаму сега врз неа лежи посебна одговорност тоа начело и да се спроведе. А, тоа предвидува меѓународната заедница да мора да интервенира, кога во некоја земја ќе дојде до тешки кршења на човековите права.

Ролф Мицених, портпарол за надворешнополитички прашања во опозициската СПД, и натаму го заговара тоа начело, но во исто време и предупредува: „Таа меѓународноправна норма бара да се обрне внимание на тоа дали интервенцијата ќе се подобри ситуацијата на цивилите“. Тој смета дека во овој случај состојбата на сириското население дури може и да се влоши.

Германскиот кредибилитет, во случајот на воена интервенција, би можел да биде во опасност и тоа поради неколку фактори, предупредува Кристијан Хаке. Бундесверот е веќе присутен во кризниот регион на Блискиот Исток и тоа преку учество во мисијата УНИФИЛ пред брегот на Либан. Уште попроблематично е стационирањето на германските антиракетни системи Патриот во Турција, покрај границата со Сирија. Доколку Турција се вклучи во воениот удар против силите на Асад, тогаш така и Германија индиректно ќе стане учесничка во војната. Комитетот за надворешни работи на Бундестагот денеска (02.09.2013) треба да расправа за тоа.

Односот на Меркел кон Русија

Merkel und Putin in St. Petersburg 21.06.2013

Путин и Меркел - има ли посебни врски меѓу Москва и Берлин?

Средишната улога на Германија, се согласуваат и владата и опозицијата, претставува нејзиниот придонес во дипломатско решавање на кризата. Тоа е тешко замисливо без учество на Русија. Кристијан Хаке смета дека со тоа е важно да се оствари влијание врз рускиот претседател Владимир Путин.

„Бидејќи Западот не може воено да победи во Сирија, туку само може да зададе неколку воени удари, многу е важно Германија да ја искористи својата улога која ја има во односите Запад – Исток“, смета Хаке.

Токму таа улога владата во Берлин во минатите години „ја запушти на начин кој заслужува казнено гонење“, смета Ролф Мицених. Политичарот од СПД смета дека Берлин одамна можел да има многу поголемо влијание врз владата во Москва. Затоа, оваа опозициска партија бара од канцеларката Ангела Меркел лично да разговара со рускиот претседател Владимир Путин. Прилика за тоа би можел да биде претстојниот самит Г20, кој ќе се одржи в четврток (05.09.2013) во Санкт Петербург.