1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Политичката криза во Италија демне над еврозоната

Додека кризата на Кипар од агол на ЕУ штотуку е зауздана, еден друг, далеку поголем кризен случај се заканува со ескалација. Во Италија и натаму владее политичка пат состојба, а излез не е на повидок.

По парламентарните избори одржани во средината на февруари, пропаднаа досега сите настојувања да се формира коалициска влада во Италија со што земјата е доведена до пат позиција. Владата на Марио Монти поради тоа и натаму останува со технички мандат.
ЕУ и финансиските пазари секојдневно набљудуваат како оваа задолжена земја во еврозоната делува како земја без ориентација, како се шири политички вакуум и како продолжува трендот на опаѓање во економска смисла. Претседателот на Италија,  Џорџо Наполитано исто така поради нужда назначи комисија експерти во која членуваат пратеници од сите големи партии, професори, како и претсtавници на Централната банка. Тие би требало да пронајдат излез од политичката и економската криза. Комисијата експерти започна со работа во вторикот (02.04.).

Giorgio Napolitano am 21.03.2013

Италијанскиот претседател Џорџо Наполитано



Комисијата експерти, која Наполитано ја нарече „десéт мудреци“, е поделена во две групи. Едната група е концентрирана на политичко-институционални реформи, меѓу кои е и изборното право. Втората група се занимава со економски и социјални мерки. Се очекува дека овие две групи своите предлози ќе ги преtстават уште во текот на  неделава.
Од експертите не смее премногу да се очекува, смета италијанскиот новинар Џовани Дел Ре. „Тие ќе напишат одлични извештаи во кои ќе биде наведено што Италија мора да реформира. Но тоа би било се’ за почеток, бидејќи партиите и понатаму не се подготвени на заедничка соработка“, изјави Дел Ре во разговор за ДВ. Освен тоа десетteмина мудреци не можат да решаваат, туку само да дадат анализи и предлози. Италијанските медиуми поаѓаат од тоа дека се‘ додека има политичка блокада, предлозите за реформи не се вредни ни колку хартијата на која се напишани.

Критика на сметка на „мудреците“

Неповолен ветер в гради доаѓа и од страната на партиите. По првобитните пофалби сега постојат се’ повеќе критики на сметка на овие мерки. Пред сите коалицијата на десниот центар собрана околу Силвио Берлускони смета оти работата на експертите е губење време и бара одржување на нови избори. Тоа секако би било погрешно решение, верува новинарот Дел Ре. „Со сегашниот изборен закон би имале ист хаос како што е и актуелниов.“ Тој смета дека веројатно ниту една партија повторно не би добила мнозинство во Сенатот и тогаш се’ би тргнало од почеток. „Мораме во најмала рака да го смениме изборниот закон инаку ќе се продолжи вака, а тоа за еврото би можело да биде екстремно опасно“, истакнува Дел Ре.

Giovanni M. Del Re

Новинарот Џовани дел Ре


Во овој хаос претстои уште една промена на политичкиот врв во земјата. Токму претседателот на државата Наполитано, кој е еден од ретките италијански политичари кој е постојан и сериозен, на 15. мај ја напушта должноста. Поради тоа времето за дејствување на овој 87-годишен политичар е екстремно ограничено. „Тој го користи преостанатото време пред се’ за да го подобри расположението. Веројатноста дека ќе постигне некое големо решение не е голема“, вели Дел Ре.

Секој трет млад човек е без работа

Решение меѓутоа е итно неопходно бидејќи на несигурната економија и‘ е потребна стабилност и реформи како предуслов за повторно придвижување. Во изминатите 5 години индустриското производство е намалено за една четвртина. Бројот на невработени изнесува повеќе од 11 проценти. Меѓу младите под 25 години дури секој трет е без работа. Стручњаците сметаат дека со тоа сите економски активности во Италија би биле дополнително намалени. Високите камати за досегашните енормни долгови и за новите долгови дополнително ја отежнуваат состојбата во земјата.
Се чини оти на Италија во догледно време ќе и‘ биде неопходна помош од ЕУ. Но третата економија по големина во Европа е преголема за Фондот за спас на еврото. Според проценките на бројни експерти, Италија поради сето ова и‘ го презела местото на Шпанија како најголем проблем во еврозоната. Земјата се’ уште, како силен извозник, може да учествува во одредена мерка на меѓународниот пазар. Освен тоа, покрај одредени(те) проблеми, банкарскиот систем е во подобра состојба од оној во Шпанија или Грција.

Regierungsbildung in Italien Napolitano

Силвио Берлускони повторно во фокусот


Агенциите за кредитен рејтинг веќе со недели внимателно ја набљудуваат Италија . „Мудис“ соопшти дека внимателно ќе ги следи настојувањата за формирање влада. Се смета дека оваа американска агенција дополнително ќе ја намали оценката за кредитната способност на земјата. Италија значи би морала наскоро да преземе нешто конкретно. Меѓутоа директорот на бриселскиот Центар за европски политички студии, Даниел Грос, е песимист. Во Италија, како и во други бројни земји, постојат сили кои не се подготвени за спроведување реформи бидејќи не сакаат да се откажат од своите сегашни поволности. „А кризата до сега очигледно не беше доволно силна за да го убеди населението дека нешто треба во основа да се смени.“ . Грос смета оти се’ додека не е присутен ваков став во Италија и ЕУ може малку да стори во таа смисла.

Неподготвеност на реформи?

Сепак со оглед на постоечката политичка несигурност и на растечката популарност во анкетите на популистот Берлускони, набљудувачите се прашуваат дали е воопшто Италија подготвена за реформи. Според мислењето на новинарот Дел Ре, изборните резултати од 25. февруари во тој смисол биле се’ друго освен охрабрувачки. Кога ќе се собере бројот на гласови кои ги добиле Берлускони и поранешниот комичар Бепе Грило тогаш се гледа оти тие добиле 60 проценти од гласовите. „А двете партии сосема јасно се изјаснија против важните реформи кои и‘ се неизбежни на земјата“, истакнува Дел Ре. Тој додава дека се добива впечаток оти Италијанците не сфаќаат во потполност оти се неопходни бројни реформи не затоа што тоа го сака Брисел, туку затоа што и‘ се итно потребни на самата земја.