1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Политичарите тврдокорно ги водат САД преку „фискалниот јаз“

И покрај тоа што денеска автоматски во сила стапуваат опсежни буџетски кратења во САД, Демократската и Републиканската партија се откажаа од надежите за договор за фискалната политика, со кој би се спречило тоа.

И покрај тоа што денеска треба да стапат во сила серијата автоматски кратења на буџетските трошоци во САД, Демократите и Републиканците си играат криенка- миженка и ниту една од двете партии не е подготвена на компромис во последната рунда од 18-месечната фискална драма во САД.

Кратењата во вредност од 85 милијарди долари за фискалната година 2013, подеднакво ќе ги погодат како издатоците за одбраната така и за социјалната сфера. Мерки за штедење во вредност од уште 1,2 билиони долари ќе стапат во сила во наредната декада.

Автоматските кратења на буџетските издатоци во случај да биде достигнат законскиот лимит за задолжување на САД првобитно беа замислени како стратегија за заплашување на тврдокорните партиски војници во Конгресот за да се согласат на компромис околу политиката на буџетски заштеди и всушност никогаш не требаше да стане реалност.

Но и сега кога исчезнуваат сите надежи дека ќе биде постигнат договор за буџетот, двете страни на политичкиот фронт го вперуваат прстот едни во други.

Според Рон Хаскинс, експерт за буџетски прашања на Брукингс институтот во Вашингтон, партиите немаат волја да постигнат надпартиски договор за буџетската политика, бидејќи потоа ќе бидат сметани за одговорни за последиците што ќе произлезат од тој договор. Затоа тие засилено се подготвуваат за т.н „фискален јаз“ и ја префрлуваат вината врз политичките противници.

Погрешни претпоставки

Актуелната фискална драма во САД започна во јули 2011 година кога Конгресот мораше да го зголеми законски утврдениот лимит на долгот на САД. Ова некогаш беше рутинска постапка која и‘ овозможуваше на федералната влада да ги плати сметките кои веќе ги направила. Но Републиканците, засилени од убедливата победа на изборите за Конгресот во 2010 година, имаа намера да опстојат на прашањето за намалување на државниот дефицит по цела деценија трошење „на големо“ од администрациите на претседателите Џорџ Буш и подоцна Барак Обама.

Огорчената партиска битка околу лимитот на долгот на САД ги наведе рејтинг агенциите да ја намалат оценката за кредитоспособноста на САД за првпат во историјата. Во обид да го разреши спорот претседателот Барак ја предложи мерката за автоматско стапување во сила на кратења на буџетските издатоци доколку биде достигнат новоутврдениот лимит на задолжување. Ако Конгресот не може доброволно да се договори за чувствителните мерки за штедење, тогаш тие ќе стапат во сила автоматски со вредност од 1,2 билиони долари во рок од една деценија.

Оваа мерка беше донесена врз основа на погрешни претпоставки. Со оглед дека автоматските кратења би ги погодиле безбедносниот и социјалниот сектор подеднакво, Конгресот и Белата Куќа претпоставуваа дека патриотско настроените Републиканци и социјално свесните Демократи ќе бидат принудени на компромис и ќе договорат поширок, поцелно насочен договор, кој би им бил по мерка на сите.

„Овие претпоставки го потценија фактот дека во Републиканската партија има доволно луѓе кои велат дека се толку загрижени за долгот и се против трошењето на владата, така што ако цената што мора да ја платат за кратењата во буџетските трошоци е намалувањето на издатоците за одбраната, ќе го проголтаат тоа, без оглед колку е тешко“, вели Брус Стоукс, економски експерт од Вашингтон.

Самопроизведена криза“

Тоа беше се’ досега финансиските пазари не ги казнија САД за фискалната криза и политичкиот ќорсокак во кој се западнати - благодарение пред се’ на привилегираната позиција која САД ја уживаат долго во глобалната економија.

Но според Јозеф Брамл од Германскиот совет за надворешни односи, на таа ера и‘ се ближи крајот и единствена опција која му преостанува на Вашингтон на долг рок е е буџетското штедење.

„ Луѓето во САД имаат само ограничено гледање на работите со Демократите и Републиканците, но немаат поширок поглед“, вели Брамл. „Поширокиот поглед значи дека остатокот од светот повеќе не го финансира долгот на САД. Американците мораат да пронајдат начин да не живеат над нивните можности. А тоа значи кратење на трошоците и зголемување на даноците“

Иако со автоматските мерки за кратење на буџетските издадоци е чекор кон такво штедење, Конгресот во мај ќе треба да одлучи дали уште еднаш ќе го зголеми законски утврдениот лимит на американскиот долг.

„Што сето ова му кажува на целиот свет кој гледа како САД минуваат низ оваа самопроизведена криза? Овие луѓе во Вашингтон можеби раководат со светот поради тоа што имаат најголема армија и најголема економија но нивната нефункционалност станува опасна за сите нас“, вели економскиот експерт Брус Стоукс.