1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Политичарите лажеле, лажат и ќе лажат

Постојат лаги кои убаво звучат и луѓето сакаат да ги слушаат. Македонските граѓани се свесни дека политичарите лажат. Разликите се во нијанси, но општ е впечатокот дека манипулацијата стана врвна алатка за владеење.

default

Политичарите лажат и тоа многу, велат граѓаните

Замислете што ќе беше доколку на Французите секогаш им ја кажував вистината. Оваа легендарна изјава на поранешниот француски претседател Шарл Де Гол е најдобар одговор на вечната дилема дали политичарите лажат. Зошто македонските политичари би биле исклучок?

Лажат и тоа многу, велат граѓаните.

Во суштина лагата е составен дел на политиката. Манипулацијата стана врвна алатка за владеење. Македонските граѓани се свесни дека политичарите лажат. Разликите се во нијанси, некој лаже грубо и бесрамно друг лаже суптилно, софистицирано.

„Политичарите лажеле, лажат и ќе лажат. Не дека по дефиниција се лажговци туку бидејќи политичката лага е дел од политичката игра“, вели универзитетскиот професор Нано Ружин.

Старите лаги ги заменуваат нови

Passantin vor Wahlplakaten in Mazedonien

Лагите стануваат почести за време на избори


Македонија е млада држава, на врвни функции се неискусни политичари но сите повеќе или помалку ги научија тајните на политичкиот маркетинг. Дека постојат лаги кои убаво звучат и луѓето сакаат да ги слушаат. Можеби тука може да најде објаснување за бројните лаги што ги слушнаа македонските граѓани во изминатите две децении самостојност. Некои се веќе заборавени, други спакувани елегантно како скапи проекти сеуште сведочат за демагошките способности на македонксите политичари. Но народот има кусо паметење.

“Има многу лаги кои што сме ги слушнале кои биле разобличени: името ќе го решиме во наредните 6 месеци, ќе вработиме по еден од секое семејство“, објаснува политикологот Петар Арсовски. Политичарите лажговци имаат век на траење, уверен е професорот Ружин:

„Народот е наивен до одредена линија, но додворувачот има одреден век на трање“.

Предизборната кампања-расадник за лаги

Лагите стануваат почести за време на избори.Политичките аналитичари не обидувајќи се да го оправдаат туку само да најдат објаснување за големото количество лаги истурени во предизборната кампања велат: Народот сака да верува, затоа политичарите си дозволуваат лаги.

Во Македонија со консензус на сите политички партии е во тек донесување на закон што предвидува големи и строги казни за политичарите кои нема да ги исполнат ветувањата односно ќе бидат фатени во лага. Ви се верува? Априлили.

Автор:Горан Петревски

Редактор: Симе Недевски