1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Политичарите во БиХ мораат да се соочат со реалноста и да престанат со игрите

Кристијан Шварц-Шилинг, поранешниот Висок претставник на меѓународната заедница во БиХ, оценува дека одговорноста за состојбата во БиХ лежи во политичката елита, но подеднакво и во меѓународната заедница.

Дојче веле: Господине Шварц-Шилинг, како поранешен Висок претставник, но и поранешен меѓународен медијатор за БиХ, добро ги познавате градовите во кои имаше протести, бидејќи во нив водевте бројни преговори во годините по војната. Дали ваквиот вид на социјален бунт во БиХ можеше да се предвиди?

Кристијан Шварц-Шилинг: „Да. Според моето мислење, тоа можеше одамна да се предвиди. Меѓународната заедница сето тоа го игнорираше. Резултатот од сето тоа може да биде погубен“.

Демонстрантите се осиромашени граѓани, кои едвај составуваат крај со крај и немаат што да јадат. Меѓутоа, тие се сосема неорганизирани. Може ли од сето ова да се создаде народно движење, кое е во состојба да ја промени земјата на подобро?

„Од сето тоа би можело да се создаде историско движење. Во БиХ има доволно оружје. Кога сиромаштијата ќе мине одредена граница, кога пензионерите повеќе не ги добиваат своите пензии, кога наставниците, професорите и полицајците составуваат крај со крај, тогаш може да дојде и до создавање на насилно движење. Дали тоа ќе донесе до позитивни или негативни промени во БиХ – сосема е непредвидливо“.

Дали гледате некоја политичка алтернатива која би застанала на чело на демонстрантите?

„Тешко. Но, до решението би можло да се дојде само доколку политичарите преку ноќ се соочат со реалноста во земјата и престанат со своите игри“.

Зошто молчат сиромашните во Република Српска и дали протестите би можеле да се пренесат и во Република Српска?

Christian Schwarz-Schilling

Кристијан Шварц-Шилинг, поранешниот Висок претставник на меѓународната заедница во БиХ, а долги години и медијатор за БиХ

„Федерацијата на БиХ, во демократска смисла, се оттргна од Република Српска. Таа е во понапреден стадиум. Во неа владеат поголеми слободи и постои плурализам на размислувањето. Во Република Српска имаме работа со блага диктатура, каде луѓето се плашат да кажат што мислат. Тоа е причината зошто на владата во Бањалука подобро и’ испева да ги задржи конците во своите раце, отколку што е тоа случај во Сараево“.

Што конкретно би требале да направат политичарите во БиХ за да ја смират ситуацијата во земјата?

„Би морале да водат поинаква политика – политика која им служи на луѓето, политика која веднаш ги укинува старите привилегии, кои шефовите на партиите и партиските врвови ги задржаа од старите времиња, па се’ до денес. Но, за тоа е потребна и пормена на политиката нам еѓународната заедница. Сега имаме ситуација како во Украина. Меѓународната заедница се буди од длабок сон дури кога ќе настане критична ситуација во таквите земји“.

Како треба сега меѓународната заедница да реагира во БиХ?

„Таа би требала веднаш да ја преземе одговорноста. Меѓународната заедница, според Дејтонскиот договор, и натаму ја има главната одговорност во БиХ. Отфрлувањето на таа одговорност и зборувањето дека таа не е потребна – таквата политика под итно мора да се ревидира. Пред се’ мора да се испрати сериозно предупредување дека меѓународната заедница е подготвена да делува во БиХ. Додека тоа го нема и се' додека се зборува дека се работи за прашања кои Босанците и Херцеговците требаат сами да ги решат, иако ние, односно меѓународната заедница, ги донесовме во таква состојба да речиси и не може да се управува со земјата, се’ дотогаш и толку долго нема да дојде до подобрување на состојбата во БиХ“.