1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Политиката нема решение за еврокризата

ЕСМ, Фискален пакт, банкарска унија - со овие рецепти политиката се обидува да ги „залепи“ пукнатините во монетарната унија. Колку се тие ефектни е прашање за кое економистите водат контроверзна дискусија.

Кога државата е презадолжена, таа може секогаш да се потпре врз инструментот - инфлација. Таа печати повеќе пари и со тоа овозможува полесно ослободување од долговите. Оттука, неможност да се вратат долговите се случува исклучително ретко, иако доверителите реално добиваат пари со помала вредност.

Кога ваква држава меѓутоа е членка на монетарна унија, таа од раце ја губи монетарната политика и со тоа и инструментот инфлација. Кога е задолжена до грло, за инвеститорите се зголемува ризикот од неможност на наплата на побарувањата од дадената држава. Тие бараат од државата високи камати или сосема и‘ го вртат грбот. Такво болно искуство државите во криза во еврозоната имаат веќе три години.

ЕСМ - заеднички фонд на долгови

Тука, според Јирген фон Хаген, директор на Институтот за меѓународна економска политика, лежи грешката во конструкцијата на еврото. За таа грешка да се отстрани, основан е фондот за спас ЕСМ. Него Фон Хаген поради тоа го опишува како заеднички фонд на долгови, „кој е изграден врз претпоставката дека должничката криза во Европа може да постои само во една земја и, ако е тоа можно, тогаш би било најдобро тоа да е мала држава“.

Зашто штом некоја поголема економија како Шпанија или Италија ќе почне да паѓа, сумата за спас ќе се потроши брзо. Сумата може теоретски да се зголемува до недоглед, но тогаш ќе се зголеми и проблемот кој економистите го нарекуваат Алменде-проблем (економските актери со имотот на заедницата не се однесуваат толку внимателно како со приватната сопственост, н.з.). Тој проблем се појавува секогаш кога на заедницата и‘ стојат на слободно располагање ресурси кои се ограничени. Во овој случај тоа е ресурсот на приходи од даноци. Алменде-проблемот тогаш води кон тоа „владата на една земја да сака да посегне во даночните приходи на друга земја, зашто на тој начин добива приходи за кои не мора да носи демократска одговорност“, вели Фон Хаген. Тоа ќе доведе до натамошно задолжување во Европа, убеден е економистот.

Фискален пакт - илузија на надзор

Оптимистите сметаат дека до такво нешто нема да дојде. Зашто Фискалниот пакт, кој стапи во сила на почетокот на годината, служи токму да се спречи трупањето долгови. Со него 25 земји во Европа се обврзуваат покрај придржувањето до Мастришките критериуми, да воведат и горна граница на задолжување. За Фон Хаген овој пакт е само илузија на вршење надзор:

„Фискалниот пакт се заснова врз претставата дека буџетската политика во државите членки ќе биде под се‘ поголем надзор. Но, ние не го надзираме спроведувањето на буџетската политика, туку само позиционирањето на буџетската политика.“ Ваквото позиционирање се заснова врз прогнози на кои може толку долго да се работи, се‘ додека се‘ не одговара на претставите на политиката.

Ахим Вамбах, директот на Институтот за економска политика на Универзитетот Келн, наспроти тоа, предупредува дека Фискалниот пакт не смее да се укине со аргумент дека и онака до него нема да се држи никој: „Нема само бело-црно, туку секогаш е сиво. И Мастришките критериуми до кои не се придржуваат имаат ефект.“ На политичарите, имено, им беше непријатно да го надминуваат буџетскиот дефицит од три проценти.

Банкарската унија е нешто за што е потребно време

Дури и кога Фискалниот пакт би покажал позитивно дејство, се‘ уште останува банкарскиот сектор како најголемо градилиште во еврозоната. Планираната банкарска унија треба да го минимизира ризикот од тоа несолвентноста на

одделни банки да ја разниша целата монетарна унија. Европската централна банка, како прв чекор, од 2014 година треба да одговара пред заеднички банкарски надзор. Потоа треба да се одговори на прашањето дали фондот за осигурување на влоговите треба да се инсталира на национално или на европско ниво. Во најдобар случај банкарската унија би „застанала на нозе“ од 2015 година. Дотогаш ЕЦБ треба да направи се‘ за да ја задржи монетарната унија.

Сценарија за истапување од унијата

Дали тоа ќе и‘ успее е неизвесно. Клеменс Фуест, претседател на Центарот за европски економски истражувања, може да си претстави дека една земја како Финска би се откажала од еврото „зашто, ако еврозоната се развива лошо, нема да сака веќе да плаќа за периферијата“. „Другото, потешко сценарио, би било ако токму периферните држави не успеат да се прилагодат и по уште три години рецесија речат - си одиме, зашто веќе немаме надеж“, вели Фуест. Тој додава дека се надева оти до тоа нема да дојде.