1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Политиката ги сака синдикатите, но и тие неа

Во Македонија формално постои синдикален плурализам, но со мали исклучоци, практично и нема вистинско синдикално организирање, поради кокетирање од двете страни.

default

Синдикатите во Македонија се слаби, а секој работодавец и секоја власт сакаат или да ги придобијат или уште повеќе да ги ослабат, оценуваат претставници на синдикални организации.

Пеце Груевски, претседател на Синдикатот на УПОЗ (управа, правосудство и здруженија на граѓани) смета дека не секогаш, но многу често и синдикатите по своја вина се во прегратките на партиите и тоа е главна причина што нема вистинско синдикално движење.

„Раководствата се одвоени од членството, постои слаба синдикална свест, членуваат во синдикатите по инерција, а најмногу по партиска директива. Потребна е свест дека синдикатот не е во раководството, туку во членството и дека моќта е во него", укажува Груевски.

Формално во Македонија постои синдикален плурализам. Никнаа многу синдикати со претенциозни имиња - автономен, независен, самостоен, но во суштина практично нема нов квалитет, туку разнебитување и на она мало потенцијално синдикално јадро.

Антисиндикално дејствување

Драги Јовановски, експерт за трудово право, смета дека со измени на Законот за работни односи, власта успева да го контролира синдикалното движење.

„Со континуираното менување на одредбите за синдикално организирање и со воведувањето посложени процедури за пререгистрирање во Министерството за труд, брзо се регистрираат само синдикати блиски со власта, кои не се спротивставуваат на вакви законски измени. Еклатантен пример за тоа е загушувањето на Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар, со судска забрана за организирање и за почнување штрајк", потсетува Јовановски.

Дејан Ставриќ, претседател на Самостојниот синдикатот на Клиничкиот центар, потврдува дека политиката го уништува синдикализмот, како и се друго во што ќе се инволвира во абнормални количини.

„Доказ за тоа е актуелниот штрајк на лекарите. Трае речиси еден месец, а ни Гранковиот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, ни Сојузот на синдикатите на Македонија, ни најголемата синдикална конфедерација, не дадоа ни вербална поддршка за штрајкот. 'Нашиот' Гранков синдикат, односно неговиот претседател Љубиша Каранфиловски, времето го помина во кабинетот на министерот за здравство и во јалови преговори за кои не е релевантен. Со комплетното губење на лекарите од редовите на Гранковиот синдикат, тој се соочи со последиците на своето антисиндикално и провладино дејствување, особено како најревносен гласач при усвојување на одредби кои ги намалуваат или укинуваат работничките права", вели Ставриќ.

Социјален дијалог

Author: Fatos Musliu, shot in Skopje, on September 14 th

Спиро Ристовски

Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, кој неделава присуствуваше на конгресот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), оцени дека се создадени предуслови за воспоставување, функционирање и јакнење на синдикатите.

„Сите заедно треба да ги охрабриме работниците за синдикално организирање. Функционирањето на социјалниот дијалог треба да биде важен инструмент и механизам во креирањето и имлементирањето на политиките и мерките во областа на економската и социјалната сфера", рече Ристовски.

Но, практиката засега го покажува спротивното. Јовановски укажува дека во Македонија дневно се кршат права на 100.000 работници. Според него, во таква ситуација синдикатите не треба да бидат марионети на власта, туку да инсистираат на почитување на препораките и конвенциите на Меѓународната организација на трудот и на директивите на ЕУ за синдикатите и правата на работниците.