1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Политизација на предметот „ОМО Илинден-Пирин“

Случајот „ОМО Илинден-Пирин“, иако тоа во Стразбур не сакаат да го признаат, се претвори во „политички случај, вистински тест за Советот на Европа-како се спроведуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права.

default

Европскиот суд за човекови права во Стразбур

Комитетот на министрите на Советот на Европа, кој е задолжен за следење на пресудите на Судот за човекови права, сé уште не може да ја спроведе во целост пресудата за регистрација на „ОМО Илинден-Пирин“ - политичка партија на непризнатото македонско малцинство во Бугарија.

Во моментот кога судот од Софија ја соопшти одлуката, со која уште еднаш е одбиена регистрацијата на „ОМО Илинден-Пирин“, во Стразбур Комитетот на министрите се обидуваше безуспешно да му даде одговор на членот на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, Борис Цилевич, кој се интересираше што е направено за целосното исполнување на оваа пресуда.

Барањето одговор доведе до невообичаена ситуација, до средба меѓу претставниците на Македонија и Бугарија, со посредство на шпанското претседателство на Комитетот на министрите, за да се најде компромисен одговор. На средбата не беше постигнат компромис. Но изненадува новиот тек на овај случај, кој во Стразбур полека се претвора во билатерално прашање меѓу Македонија и Бугарија.

Генералниот секретар на Советот на Европа, Тери Дејвис, на извесен начин го потврдува ова:

„Ова прашање е јаболко на раздорот меѓу Поранешната југословенска република Македонија и Бугарија. Не сакам јавно да зборувам за ова, за него се расправа на ниво на Комитетот на министрите на СЕ, за ова се зборуваше изминатите недели и ние се надеваме дека ќе биде најдено решение.“

Terry Davis, neuer Generalsekretär des Europarates

Тери Дејвис, генерален секретар на Советот на Европа

Принципиелно прашање

Република Македонија во врска со предметите за „ОМО Илинден-Пирин“, досега принципиелно бараше спроведување на одлуките и почитување на стандардите на Советот на Европа од другите земји членки, во случајов Бугарија. Како што тоа се бара и од Македонија во многу наврати.

Министерот за надворешни работи на Шпанија, Мигуел Ангел Моратинос, кој претседава со Комитетот на министрите, не беше многу запознат со случајот, кој може да има последици и врз другите предмети:

„Не сум во тек со ова. Ние во целост сме ангажирани за да се создаде еден поефикасен Европски суд за човекови права и за поефикасно спроведување на неговите пресуди. Но навистина не бев во тек дека бевме посредници во овај предмет. Но ако не успеавме, сепак се обидовме.“

Пресудите мора да бидат почитувани

Претседателот на Европскиот суд за човекови права Жан Пол Коста пак е јасен. Тој смета дека е од фундаментално значење државите да ги почитуваат во целост пресудите кои ги носи неговиот суд.

„Од фундаментално значење е државите да сватат дека ако не ги спроведат во целост пресудите на Судот, тие создаваат нови случаи, кои повторно доаѓаат во Стразбур. Нашите пресуди не подрабираат само исплаќање на отштета на жалителите, тие бараат и законодавни реформи.“

Бугарија во случајот „ОМО Илинден-Пирин“ смета дека со исплаќањето на жалителите ги исполнила обврските од пресудите и нема обврска да ја регистрира партијата.

„Јас чекам да бидат спроведени сите донесени одлуки од Европскиот суд за човекови права од земјите членки, тоа се однесува на сите земји членки.“ додава генералниот секретар на СЕ Тери Дејвис.