1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Покрената нова истрага против Навални

Руските правосудни органи водат нова истрага против опозиционерот, Навални. Тој се товари за примање донации за изборната кампања од странство, што во Русија е илегално. Од тимот на Навални ги отфрлаат обвинувањата.

Руското обвинителство потврди дека е покрената истрага против опозицискиот политичар Алексеј Навални, поради сомневање дека за својата политичка активност и политичката кампања, прима пари од странство.

Обвинителството во Москва денеска (12.08.) соопшти дека при една контрола се покажало дека Навални како кандидат за градоначаник на Москва примил донации од странство. Повеќе од 300 анонимни и донатори со познато име од 46 држави преку еден руски интернет-платежен систем му префрлиле пари на Навални и на водачите на неговата изборна кампања. Примање на донации за избори од странство во Русија е илегално.

Во соопштението на обвинителството на Москва се вели дека доколку се најдат докази за примање странски пари, против Навални ќе биде покренато кривично обвинување.

Новата истрага против овој опозициски политичар е покрената по пријавата на лидерот на руската либерал-демократска партија Владимир Жириновски кој во Парламантот секогаш соработува со владејачката Обединета Русија. Оваа партија исто така го обвини Навални за „примање странски донации“ и побара формална истрага.

Изборниот тим на Навални ги отфрли обвинувањата.

Алексеј Навални во јули годинава беше осуден на пет години затвор за проневера. Казната набргу му беше суспендирана, откако Државната изборна комисија потврди дека тој е регистриран како еден од шестмината кандидати за нов градоначалник на Москва, на локалните избори во септември. 37- годишниот Навални во Москва меѓу другите ќе го предизвика актуелниот градоначалник Сергеј Собјанин. Се очекува овој политичар, верен на Кремљ, да биде потврден на градоначалничката функција.

Навални важи за остар критичар на претседателот Владимир Путин и неговата внатрешна и надворешна политика и на неколкупати успеа да организира и спроведе масовни протести.