Покрај летниот, потребен е и зимски културен бран | Панорама | DW | 20.08.2011
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Покрај летниот, потребен е и зимски културен бран

Во 21 општина во Македонија денеска (20.08.2011) почнува втората фаза од културниот проект „Топол културен бран“ во организација на ресорното министерство, кој како идеја наидува на поддршка.

default

Од експертската јавност доаѓа пораката дека „Топлиот културен бран“ треба да се претвори во целогодишни „културни бранувања“ во оваа сфера на живеењето во Македонија.

Со концерти, со театарски претстави, поетски читања, ликовни изложби на уметници, ансамбли, театри од Скопје и други градови – севкупно повеќе од 110 настани од сите дејности во 21 општина во Македонија – се одвива четвртата по ред републичка манифестација „Топол културен бран 2011“ која ќе трае до 31-ви август годинава, апрвата фаза се одржа во јули. „Дисперзирање на културата, таа да биде достапна до сите граѓани во Македонија, развивање на контактите на општините и националните институции од културата“ – ова се, меѓу другите, целите на „Топлиот културен бран“, според ресорната министерка Елизабета Канческа-Милеска.

„Топлиот културен бран’ од големо значење за помалите градови“

Иван Џепароски, естетичар и културолог од Филозофскиот факултет на Државниот универзитет во Скопје, коментира:

„Од културата и уметноста никогаш не е доста, секогаш е малку, барем на нашите простори, каде што навистина има потреба за зголемен број културни манифестации, за да може да се парира на некои други нешта, кои се врзуваат за популарната култура, односно, контракултурата. Така што, овие културни настани во 'Топлиот културен бран' се од големо значење и од полза за жителите на помалите градови во Македонија, но и за луѓето од културните сфери и во главниот град, затоа што дисперзирањето е повеќекратно. Значи, имаме претстави, или концерти, од едни градови во други, имаме од Скопје гостувања во помалите градови и обратно. Тоа е добро за надополнување на она што се случува во Охрид во рамки на ’Охридското културно лето’, во Скопје во рамки на ’Скопското културно лето’, или во Битола во рамки на ’Битолското културно лето“.

Владимир Темков, директор на Центарот за култура во Кавадарци, смета:

„Целта на овој ’Топол културен бран не е културните настани да се преселат од Скопје во внатрешноста, туку тие да бидат дисперзирани и да бидат проследени во Крива Паланка, во Штип и Гостивар, но и обратно: сето она што уметниците го увежбувале и го работеле во својата средина, а немале можност каде да се претстават, освен пред својата јавност, ова е сега момент тие да го прикажат тоа во друга средина, за нив нова. “

Kultur in den mazedonischen Dörfern

Приближување на културата до македонските села

„Да не се штеди на традиционалните манифестации со корени“

Мирко Видоевски, мултимедијален уметник и раководител на Литературниот клуб „Кирил Пејчиновиќ“ при Центарот за култура во Тетово, критички укажува:

„Се одвојуваат средства – убеден сум дека се тоа големи пари – кои се оправдуваат, на некој начин, се плаќаат хонорари на познати писатели и така натаму, а од друга страна не се финансираат манифестации, кои што си имаат фатено корени. Литературниот клуб ’Кирил Пејчиновиќ’ годинава одбележува 50 години од формирањето, но, не наидовме на разбирање за 20-ти мај годинава да се вклучиме во одбележувањето на традиционалната манифестација, посветена на преродбеникот Кирил Пејчиновиќ, иако побаравме средства преку Центарот за култура во Тетово. Минатата година не го организиравме нашиот традионален литературен конкурс, бидејќи Министерството за култура ни ги повлече веќе одобрените 25 илјади денари – само 25 илјади денари – со образложение дека ’се штеди во културата’. Најдоа да ’штедат’ на традиционална манифестација што се одржува веќе 25 години“.

Тој додава:

„Годинава во рамките на ’Месецот на книгата’, кога го спроведуваме тој конкурс, се надеваме дека тогаш ќе ни се овозможи тоа да го сториме, но и да го одбележиме петдеценискиот јубилеј на клубот, кој е носител на активностите во областа на литературата во Тетово.“

Анастасија Саздова, директорка на центарот за култура во Свети Николе, посочува:

„Не застануваме само на ’Топлиот културен бран’. Не би рекла дека е само еднократна манифестација. Одржуваме ’Светиниколско културно лето’: покривајќи ги сите дејности – продукција на филм, ликовна дејност, драма ... – имаме две етапи од ’Светиниколското културно лето’. Тоа е, всушност, надоврзување кон ’Топлиот културен бран.“

Во Тетово, општина петпати поголема од Свети Николе, се‘ уште нема таква организирана форма на културното живеење. Исто така, иако од почетокот на „Топлиот културен бран“ досега во Тетово беа најавени мултиетнички фолклорен фестивал и поетско читање, сепак, се‘ уште не е одржано ништо.

Во еден ваков контекст Видоевски вели:

„Треба и локалните уметници да бидат ангажирани, за да биде поуспешен овој ’Бран’. Ако нема соработка со локалните литературни клубови, здруженија на писатели, или здруженија на ликовни уметници, тогаш нема да бидат постигнати поголеми ефекти. Во таквите случаи нам, на локалните протагонисти во културата, ќе ни преостане самите да си го одработаме она што сме го замислиле.“

„Кавадарци културно живее секој момент и секој ден“

„Кавадарци и годинава има интензивен пулс на својот културен живот“ – напоменува Темков и нагласува:

„Кавадарци, минатата година прогласен како „Град на културата’, одржа повеќе од 400 настани во културата. Тој и сега 'културно живее' секој момент и секој ден. Овој ’Топол културен бран’ е само продолжување на сите настани, кои Центарот за култура и локалната самоуправа ги имаат зацртано во својата годишна програма.“

Саздова го заокружува своето искажување за „Светиниколското културно лето“, меѓутоа, и за она што следи:

„На 30-ти август годинава го завршуваме нашето ’Лето’ со вечер на староградски ансамбли во изведба на ’Распеани струмичани', ’Серенада' од Виница и ’Ѓурѓа’ од Делчево, заедно со домаќините – женската пејачка група ’Камелија’ од Свети Николе. Во моментов го реконструираме објектот на Центарот за култура и сите настани ги одржуваме на отворен простор, со нагласка на музиката. Од таа причина немаме доволно театарски претстави, ниту ликовни изложби. Меѓутоа, не завршуваме тука: можеби ќе направиме мала пауза, за да продолжиме во септември активно да работиме, бидејќи ние имаме еден добар и со активности и резултати ’богат’ фолклорен ансамбл – ’Јанко Глигоров’ – кој ги претставуваше Македонија и нашиот град на ’Балкан фолкфест’ во градот Китен, во Република Бугарија. Нашиот ансамбл беше и во Бања Лука, и на еден друг реномиран фестивал – 'Козарски етнофестивал’, презентирајќи ја Македонија меѓу такви ансамбли од Чешка, од Сицилија од Италија, од Србија и Словенија. Покажавме успешни и забележливи резултати.“

Tetovo

Културните манифестации од големо значење за повеќе градови-Тетово

Професорот Џепаровски заклучува:

„Топлиот културен бран би требало да продолжи и во зима, кога е најмногу зачмаена Македонија во однос на културните настани, освен, се разбира на некои исклучоци поврзани со Скопје. ’Бранот’ треба да трае целата година, секако, колку што овозможуваат финансиските услови.“

Значи, на Македонија и требаат, всушност, „Културни бранувања“, континуирани циклуси на манифестации и настани, кои 12 месеци во годината ќе ги „заплиснуваат“ сите животни средини и сите слоеви на населението.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски