1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Покраински суд“- најдобар роман на германски јазик

Германската писателка Урсула Крехел е годинешна добитничка на Германската книжевна награда, која традиционално се доделува спроти почетокот на Франкфуртскиот саем на книгата.

Германската книжевна награда е едно од најмладите признанија, а ја доделува Сојузот на германски книгоиздаватели од 2005-та година наваму. Станува збор за награда која се доделува за најдобар роман напишан на германски јазик. Жирито кое се состои од седум членови (кои се менуваат секоја година), од 20 предложени романи избира шест, од кои потоа еден ја добива споменатата награда дотирана со 25 илјади евра.

Годинава ова признание, кое се доделува ден пред официјалниот почеток на најголемиот саем на книгата во светот, и припадна на писателката Урсула Крехел за романот „Покраински суд“ („Landsgericht“).

Дејството на романот се одигрува во првите години по Втората Светска Војна во Германија и Крехел во него го опишува враќањето во татковината нa еден еврејски судија, кој морал да ја напушти родната земја за време на владеењето на нацистите. По враќањето во Германија тој затекнува земја која што е можно побргу сака да го најде патот кон нормалноста, но во која повторно не е добредојден. Тој наидува на отфрлање и рамнодушност и ја започнува својата борба против веќе доживеаната неправда и за сопствените права.

Ursula Krechel Deutscher Buchpreis

Урсула Крехел

„Крехел наизменично поетски и лаконски и секогаш многу прецизно ја отсликува сликата на рана повоена Германија... нејзината архитектура, различните начини на живот како и спротивностите во рамките на семејството, неговата психологија. Станува збор за акутно политички но пред се’ модерен роман“, пишува во образложението на жирито во Франкфурт на Мајна.

Урсула Крехел е родена во 1947 година во Трир, а кариерата ја започнала со новинарска работа. Нејзиното прво литературно дело е театарската претстава „Ерика“ објавена во 1971 година. Десет години подоцна следува нејзиниот прв роман „Втора природа“, по што има објавено цела низа песни, драми и проза. Крехел за своите дела веќе има добиено бројни признанија, како на пример наградата „Елизабет Лангесер“, како и стипендијата „Херман Хесе“, на градот Калв.