1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Покер за новата влада: Која цена ќе ја плати Меркел?

Ставот дека нема да има даночни покачувања за многумина Германци беше причина да гласаат за Унијата. Но, сега и по ова прашање се размислува за отстапки во партијата на канцеларката, за да се привлече коалиционен партнер

Социјалдемократите и зелените меѓусебе си ја префрлаат топката: Тие ја препорачуваат другата партија како подобар партнер во новата сојузна влада во Берлин под раководство на канцеларката Ангела Меркел. И двете партии стравуваат да влезат во сојуз со надмоќните ЦДУ/ ЦСУ и сѐ уште не ги отвораат картите. Меѓу опозиционите партии владее голема скепса за коалиционите преговори. Коментар кој провејува: Тоа е проблем на Меркел, топката е сега кај неа.

„Владата е работоспособна“

Сите страни очекуваат повеќенеделни преговори. Сојузната влада која сѐ уште е на власт и покрај сѐ не покажува нервоза. Портпаролот Штефен Зајберт соопшти дека актуелниот владин кабинет, кој не доби мандат да продолжи во истиот состав и натаму е целосно функционален: „Сојузната влада работи на сите свои тематски области. Не постои цезура. Нема период, во кој сојузната влада не е активна“.

Зајберт во Берлин рече дека нема ниту промени, ниту оставки кај министрите од редовите на либералите, кои во иднина нема да бидат застапени во германскиот парламент. Оттука партнерите во Европа знаеле дека во Берлин има „работоспособна влада“. Мандатот на актуелната владина коалиција ќе заврши, штом ќе биде формиран нов владин кабинет.

Првото кршење на табу?

Во меѓувреме три денови по изборите од страна на христијанодемократите се испраќаат внимантелни сигнали за приближување кон потенцијалните коалициони партнери. Посебно внимание предизвикаа сигналите во однос на даноците, имено партиите на Унијата за време на кампањата стриктно одбиваа покачување на даноците.

При интерни разговори во централата на ЦДУ во Берлин, генералниот секретар на партијата Херман Грее оценил дека покачувањето на даноците се смета за можна отстапка во однос на СПД и зелените, информира весникот „Билд“ повикувајќи се на владини кругови. Грее меѓутоа во меѓувреме демантираше: „Известувањето е погрешно. И натаму без ограничувања важи изборната програма: ние одбиваме покачувања на даноците“, рече Грее. „Многу добриот изборен резултат ни даде силен мандат да се бориме за оваа позиција“.

Министерот за финансии Волфганг Шојбле (ЦДУ) пак на прашање на неделникот „Ди Цајт“ за повисоки даноци, одговори: „Сега треба да видиме како ќе течат разговорите“. Армин Лашет од силниот покраински огранок на ЦДУ во Северна Рајна Вестфалија исто така навести дека се можни компромиси - и не ја исклучи можноста ниту од покачување на даноците, ниту за коалиција со партијата на зелените.

Портпаролот на пратеничката група за Унијата задолжен за буџетот, Норберт Бартле (ЦДУ) во весникот „Рајнише пост“ пледираше дури и за умерено покачување на данокот на лицата со висока заработувачка. Економскиот совет на ЦДУ напротив предупреди од повисоки даноци.

Партиите на опозицијата СПД и зелените во изборната кампања се залагаа за покачување на даноците, додека Унијата постојано го одбиваше тоа.

Компромис исто така би морало да биде најден и по прашањето околу најниската плата како и околу надоместокот кој го добиваат родителите за детска грижа.

Претседателот на СПД Зигмар Габриел, поради дебатите околу можна Голема коалиција, ја повика партијата на единство. Габриел одржал говор пред членовите на пратеничката група и предупредил, да не изнесуваат заклучоци во јавните дебати пред да се дебатира на партиската конвенција која треба да се одржи утре (27.09), информираат учесници на оваа срдба. Исто така и огранокот на СПД од Саксонија во меѓувреме се произнесе против сојуз со ЦДУ/ЦСУ. Претходно повеќе покраински сојузи на партијата, меѓу нив и најбројниот во Северна Рајна Вестфалија, се заложија против оваа опција. Засега е неизвесно дали, по евентуални коалицони преговори со Унијата би била потребна и одлука на членовите на партијата.

Кандидатот за раководител на пратеничката група на зелените Антон Хофрајтер принципиелно е отворен за преговори со Унијата. Сојуз меѓутоа во кој би учествувал шефот на ЦСУ Хорст Зеехофер во основа бил незамислив. Зеехофер одби разговори со раководните лица на партијата на Зелените, кои играа улога во изборната кампања.