1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Покер за еврото во Брисел

17 земји членки на еврозоната и 6 други членки на ЕУ рано изутрина постигнаа согласност за меѓувладин договор кој треба да го стабилизира еврото. Тоа значи дека нема да има промена на ЕУ-договорот.

default

Се зголемува јазот во ЕУ

23 земји членки на ЕУ се согласни. Тие сакаат да склучат договор за поголема буџетска дисциплина, кој е единствен начин да се дејствува против еврокризата. Овој резултат е постигнат по речиси десетчасовниот преговарачки маратон во Брисел, чии резултати можеа да бидат презентирани дури во раните утрински часови (09.12). Германската канцеларка Ангела Меркел соопшти дека договорот предвидува граница за задолжувањата и автоматски санкции за нејзино прекршување, што ќе гарантира солидно буџетско работење.

Во пет часот утрината францускиот претседател Никола Саркози изјави дека новиот договор треба да биде разработен до март наредната година. Саркози соопшти дека претходно пропаднал обидот да се постигне договор на сите 27 земји членки на ЕУ за промена на европските договори. Германија и Франција како „неприфатлив“ го отфрлиле условот на британскиот премиер Дејвид Камерон за невоведување на данокот на финансиски трансакции.

Саркози нагласи дека 17-те земји членки на еврозоната и шест други членки на ЕУ ќе склучат меѓувладин договор, но дека има уште цела редица прашања кои треба да се одговорат.

EU Gipfel in Brüssel Herman Van Rompuy

Ван Ромпој (д.) смета дека меѓувладиниот договор би можел да биде еднакво ефикасен како промена на ЕУ-договорите

Неколку минути подоцна претседателот на Советот на ЕУ, Херман ван Ромпој, се појави на засебна прес-конференција. Тој нагласи дека промена на ЕУ-договорите не била можна, но оти меѓувладиниот договор би можел да дејствува еднакво ефикасно. Ван Ромпој нагласи дека во иднина нема да има вклучување на приватни доверители во отписот на долговите на загрозените земји од еврозоната. Постојаниот фонд за спас на еврото наместо во 2013, како што досега се планираше, ќе биде оспособен да функционира веќе во јули 2012 година.

Две главни пречки за успех на овој Самит беа одбивањето на Германија да прифати што било друго освен промени на европските договори и одбивањето на Лондон да ги поддржи тие промени доколку не обезбеди концесии за своите финансиски пазари. Ситуацијата вчеравечер се движеше од сериозна кон очајна до таа мерка што американскиот претседател Барак Обама имаше итни телефонски разговори со германската канцеларка Ангела Меркел.

Обама и јавно го зголеми притисокот врз лидерите на ЕУ: „Ние овде не зборуваме за осиромашена земја која нема ресурси. Европа е доволно богата и нема причина зошто да не го реши овој проблем“ , изјави американскиот претседател во Вашингтон. Тој изрази оптимизам дека лидерите на ЕУ ќе имаат политичка волја да ги направат решавачките чекори. Тоа изгледа дека се случува со постигнатиот договор на Самитот во Брисел.

Автор: Симе Недевски/афп/дпа/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM