1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поканата за НАТО повторно под „жигот“ од Букурешт

2 мај 2018

Грчките медиуми ги пренесуваат пораките на американскиот секретар за одбрана околу условот за покана на Македонија во НАТО - решение на спорот за името. Димитров и Коѕијас утревечер на нова средба во Солун.

https://p.dw.com/p/2wzXQ
Radmila Sekerinska und James Mattis
Фотографија: Mazedonien Verteidigungsministerium

„САД до ПЈРМ: Прво решение за името, па пристапување во НАТО“. Под овој наслов грчките медиуми ја пренесуваат пораката од американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис, по вчерашната средба во Вашингтон со македонската министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

„САД ја афирмираат одлуката на НАТО во Букурешт во 2008 година, Македонија да добие покана за членство веднаш штом ќе се постигне заеднички прифатливо решение на прашањето за името со Грција. Ја поздравуваме вашата работа со Грција на разрешувањето на ова прашање и се надевам дека наскоро ќе има резултати. Не сакаме да ве видиме запрени пред вратите на НАТО“, изјави  Матис.

Дел од медиумите потсетуваат дека тој став претходно го искажал и шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, објаснувајќи од што зависи решението: „За да добие покана за НАТО на Македонија, треба да има договор за ерга омнес“.

Истите ставови Коѕијас ги повторил и во вчерашното интервју за грчката ТВ „Скај“. Тој изјавил дека за првпат двете земји се толку блиску до договор, но решението зависи од тоа дали Македонија ќе прифати име за внатрешна и за меѓународна употреба.

„Тие велат дека не можат да го имаат истото име како и надвор“, рекол Коѕијас, објаснувајќи какви се македонските позиции.

Запрашан дали постои можност за т.н. „привремен прием“ на северниот сосед во НАТО додека да се реши спорот, Коѕиас изјавил дека тоа би било проблематично и дека Грција не би се согласила со тоа без постигнато решение.

Radmila Sekerinska und James Mattis
Грчките медиуми ја пренесуваат пораката од Џејмс Матис по средбата со Радмила ШекеринскаФотографија: Mazedonien Verteidigungsministerium

Награда за конструктивност

Во исто време, дел од медиумите анализираат дали некои од сегашните грчки позиции во однос на решението за името би можеле да бидат релативизирани од Атина, пред сѐ поради прагматични внатрешни причини. Притоа ги нагласуваат индициите дека Грција би можела до добие „повеќе дарежливи аранжмани за отпишување на долговите, ако на позитивен начин се справи со спорот за името“. Според анализите, се смета дека тоа може да ѝ донесе голема политичка полза на владата: поени заради решавање на еден од хроничните проблеми во надворешната политика, но и полабав надзор на кредиторите врз грчката економија, кој би бил „со сосема поинаква фреквенција и содржина за разлика од оној во Португалија, Ирска или Кипар“.

Повеќе: 

Заев: Многу е важно да не бидеме обезличени!

Димитров и Коѕијас разговарале интензивно и срдечно

Griechenland Mazedonien Treffen der Außenminister in Athen
Димитров и Коѕијас ќе имаат можност за нови разговори на маргините на средбата на министрите за надворешни работи на Грција, Албанија, Бугарија и МакедонијаФотографија: Reuters/C. Baltas

Во тој контекст ги ставаат и наводите од упатени извори, дека во разговорите може да се дојде и до решение за употребата на името „Македонија“ во одредени аспекти на внатрешните работи на соседната земја. Можноста грчката конструктивност да биде наградена ја поврзуваат и со можноста владата да отстапи од најавеното намалување на пензиите, фиксирано за 1-ви јануари 2019 година. „Та неа“ уште во средината на април објави дека Атина ќе добие „подарок“ од Берлин ако се постигне решение за името. Повикувајќи се на европски извори, весникот објави дека во таков случај антикризната мерка за кратење на пензиите би се одложила за шест месеци подоцна, што би му одело во прилог на Ципрас и на неговите изборни планови. Грчката влада остро ги демантираше ваквите наводи.

Нова средба во Солун

Надвор од овие шпекулации, извесно е дека е на повидок е нова епизода во разговорите за името. Министерот за надворешни работи Никола Димитров и неговиот грчки колега Никос Коѕијас, ќе имаат можност за нови разговори на маргините на третата по ред, четирипартитна средба на министрите за надворешни работи на Грција, Албанија, Бугарија и Македонија, што ќе се одржи во Солун на 3-ти и 4-ти мај. На средбата, покрај министрите за надворешни работи, ќе учествуваат министри и високи претставници од министерствата за внатрешни работи и за транспорт на четирите земји. Утревечер средбата ќе започне со заедничка вечера во хотелот „Хајат Риџенси“ во близина на Солун, а веќе следниот на агендата се министерски разговори за предизвиците во регионот на ЈИЕ од состојбите на Блискиот Исток и Источниот Медитеран, за последиците од движењето на бегалците кон Балканот, за иднината на Европа и интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Ќе биде опфатена и прекуграничната соработка во областите на полициската, царинската и цивилната заштита, интерконективноста и транспортното вмрежување во регионот. Токму на маргините на оваа министерска средба се очекува Димитров и Коѕијас да ги продолжат разговорите таму каде што застанаа на последната средба во Виена 

Димитров и Коѕијас разговарале интензивно и срдечно

Во пресрет на таа средба, скопската канцеларија на фондацијата „Фридрих Еберт“ и Центарот за европски стратегии - Евротинк, организираат трибина на тема: „Каде е јазот: Името ли е, или непознавањето едни со други?“. Дебатата ќе ја отвори темата за соработка и комуникација меѓу Македонија и Грција на нивоата надвор од официјалните канали на институциите на двете држави. На трибината ќе говори и Јанис Армалолас од невладината ЕЛИАМЕП - грчка фондација за европска и надворешна политика.