1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Поинакво учење на историјата

Осум берлински институции сакаат историјата за нацистичкиот период во Германија да не се сведе само на учење голи факти. Тие сакаат да ги вклучат учениците со сопствени искуства.

Шарените кутии будат љубопитност. Кој сака да знае што се наоѓа таму, мора да погледне внатре. Во една од жолтите дрвени кутии се ноѓаат, на пример, боксерски ракавици. Но, каква врска всушност имаат тие со Евреите? Токму тоа требаат да го дознаат учениците кои во своите училишта ќе ја посетат изложбата „Еврејски музеј на турнеја“. Со помош на АјПед дознаа дека тие ракавици му припаѓале на боксерот Манфред Јоахим, еден од Евреите кои повеќе пати им се спротиставувал на правилата на нацистите, но успеал да го преживее Холокаустот.

И во другите кутии се сокриени предмети и информации за еврејскиот начин на живот. Се работи за верски ритуали, прехранбени навики или за прашањето „Што всушност значи да се биде Германец?“
„Сакаме да покажеме дека не се работи само за нацизмот и за Холокаустот, туку за тоа како еврејското население денес живее во Германија“, вели Корнелија Лизе. Таа припаѓа на 12-члениот тим кој го следи патувачкиот музеј и заедно со наставниците и учениците организира изложбени работилници.


Храброста е важна и денес

Веќе 7 години еврејскиот музеј е „на турнеја“. Оваа година тој е дел на поголемиот проект кој се вика „Историја во движење“. Осум берлински институции кои работат на антирасизмот смислија подобра понуда за учениците. Учениците со нивна помош можат да научат за темите за нацистичкиот прериод, но и за разбирање на демократија и толеранција.

Со нив е и берлинската организација „Покажи го лицето! За космополитска Германија“. Таа организација го координира проектот „Историја во движење“ и нуди водичи низ изложбата на повеќе јазици, меѓу останатите, и на еврејски. За тие водичи посебно се решаваат училишните групи од странство. „Ги поврзуваме поимите како прогонството на Евреите под нацистичка власт и прашањето за тоа што е всушност заедништво и почитување денес“, објаснува Верена Девентер, соработничка на проектот на изложбата „7 пати млади: Твојот простор за работа на заедништво и почитување“. Сопствената изложба на организацијата „Покажи го лицето!“ не е изложба во традиционален смисол, туку интерактивно учење.

Критичко гледање на сопственото однесување

Кај комбинираните образовни понуди на мрежата „Историја во движење“ постојат тридневни програми во кои се посетуваат различни места, зависно од темата. Тоа не мораат да бидат само изложби, музеи или споменици, вели Верена Девентер. „Кога некој наставник ќе ни каже дека кај нив е актуелна темата мобинг, тогаш се расправа за таа тема. Тогаш одиме, на пример, на прошетка низ автентични населби во Берлин, каде можат да дојдат во допир со различни култури. Така учениците можат да се ослободат од вообичаените предрасуди“.

И во еврејскиот музеј „на турнеја“ денешните искуства и откривањата на младите луѓе играат голема улога. Во една од шарените кутии можат да се погледнат филмови во кои еврејската младина зборува за своите стравови. „Едно еврејско девојче од Дрезден раскажува дека го одбегнува еден дел од градот затоа што тој дел се смета за упориште на екстремните десничари“, објаснува Корнелија Лизе, „но откако се ангажирала против расизмот, станала похрабра“. Таквите приказни би требало да ги поттикнат учениците на расправа, но и на преиспитување на сопственото однесување.

Учење од искуство

Пристапот на учениците за прашањата на дискриминација и исклучување од општествениот живот е важен за сите актери во мрежата „Историја во движење“. Случувањата за време на нацизмот не смеат да бидат, како што е тоа сега често случај во училиштата, исклучени од животот на денешните млади луѓе. Познавањето на историските случувања би требало да помогнат во подигање на свеста на младите во активна борба против расизмот.
„Покажавме какви можности на морална храброст имало во диктатурата и како денес храбро може да се вклучат во општеството“, нагласува Верена Девентер. Токму како што боксерот Манфред Јоахим направил во својот живот. Како момче, ја симнал еврејската ѕвезда од палтото. Како пензионер од 2001. па до својата смрт 2009. година работел како сведок во еврејскиот музеј во Берлин и им раскажувал на младите за своите искуства.