1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Познати правилата за првото гласање на дијаспората во Германија

Во германскиот весник „ФАЦ“ денеска со јавeн оглас се информираат македонските државјани во Германија, околу правилата за гласање за предвремените избори, што ќе се одржи на 4 јуни во Берлин, Минхен и Бон.

default

Македонската амбасада во Берлин

Одбројувањето до предвремените парламентарни избори започна и за македонската дијаспора во Германија. Со оглед на тоа што е прво изјаснување на иселениците во странство, целата процедура е нова како за луѓето кои ќе гласаат, така и за главниот организатор, Државната изборна комисија и нејзината логистика - дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија.

Согласно изборната регулатива, јавен повик до македонските државјани е објавен и во весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Со него македонските државјани на привремен престој во Германија се информираат за процедурата која мора да ја испочитуваат доколку на 4 јуни, од 7 до 19 часот (ден пред македонските избори), сакаат да гласаат. За остварување на ова право најдоцна до 5 мај треба да пополнат пријава за гласање и да се јават онаму каде ќе се избира: амбасадата во Берлин, генералниот конзулат во Минхен или одделението во Бон.

Внесување во посебните избирачки списоци

Botschafterin Utevska Gligorovska Mazedonien Bundespräsident Christian Wulff

Амбасадорката Утевска-Глигоровска со германскиот претседател Вулф

„Таа пријава за гласање е начин да се направи увид во посебниот избирачки список што се однесува за граѓаните на Македонија, кои се во странство. Да се види дали нивните имиња се во тие посебни списоци. Доколку ги нема во тие списоци има уште еден образец, барање за запишување, дополнување. Овие пријави ќе може да ги достават до дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во Германија, за да може на 4 јуни да го остварат своето право и да гласаат“, појаснува амбасадорката Корнелија Утевска-Глигоровска.

Дијаспората инаку ќе гласа само за тројца свои пратеници, кои ќе бидат дополнителни во составот на Собранието, дополнува амбасадорката. Еден ќе биде од Европа и Африка, еден од Северна и Јужна Америка и еден од Азија и Австралија. Засега од Германија нема заинтересирани иако според избирачкиот закон, за кандидатурата се потребни само 200 потписи.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска