1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Познати имињата на новите германски министри

Шефовите на партиите ЦДУ, ЦСУ и СПД, кои ја составуваат новата германска влада, денеска ги објавија имињата на сопартијците кои ќе застанат на чело на министерствата. Најголемото изненадување е во ресорот одбрана.

Германскиот канцелар и шеф на Христијанско-демократската унија Ангела Меркел вечерва во Берлин ги објави имињата на министрите од ЦДУ кои ќе бидат во составот на нејзината влада. Покрај Меркел, која во вторник треба по третпат да биде избрана за канцелар на Германија и која според сфаќањето на многумина членови на партијата го доживува својот политички зенит, ЦДУ во владата ќе испрати уште пет министри и шеф на кабинетот.

Досегашниот министер за екологија Петер Алтмајер ќе дојде на местото на Роланд Пофала, кој досега беше еден од најблсиките соработници на канцеларката и ја извршуваше функцијата шеф на канцеларскиот кабинет, за што Меркел посебно му се заблагодари.

Во Министерството за финансии нема да има промени, досегашниот министер Волфганг Шојбле ќе ја извршува оваа функција и во наредниов легислативен период.

ARCHIVBILD Thomas de Maiziere und Ursula von der Leyen

Томас де Мезие и Урсула фон дер Лајен

Во Министерството за внатрешни работи се враќа Томас де Мезие. Тој досега беше на чело на Министерството за одбрана. Како министер за одбрана Де Мезие беше на удар на критиката поради пропаднатиот проект за вооружување „Еуро-хок“. Улогата врховен командант на силите за безбедност сега Де Мезие ѝ ја предава на сопартијката Урсула фон дер Лајен, која досега раководеше со Министерството за труд и социјала. Оваа промена на ресорите се смета за најголемото изненадување во формирањето на владиниот кабинет.

Политичар на ЦДУ ќе раководи и со Министерството за здравство, на чие чело застанува досегашниот генерален секретар на конзервативците, Херман Грее. Министерството за здравство досега беше во рацете на Даниел Бар од редовите на либерелите (ФДП), кои на изборите за Бундестагот на 22. септември не го освоија минимуиумот на гласови од 5 проценти, поради што оваа партија не е во составот на новиот парламент и новата влада на Германија.

Досегашниот министер за образование, Јохана Ванка пак останува на функцијата, која ја презеде на почетокот на годинава. Дотогашната долгогодишна министерка за образование Анете Шаван претходно мораше да поднесе оставка поради плагијат на нејзиниот докторат. Јохана Ванка е докториран матаматичар по професија и предходно повеќе години беше министер за култура во покраините Бранденбург и Долна Саксонија.

Три министерства за ЦСУ

Horst Seehofer CSU Parteitag München Bayern 23.11.2013

Хорст Зехофер

Сестринската партија на ЦДУ, Христијанско-социјалната унија - ЦСУ во новиот кабинет ќе биде одговорна за три ресори. Шефот на партијата Хорст Зехофер во Минхен ги соопшти имињата на министрите. На чело на Министерството за сообраќај и дигитална инфраструктура доаѓа досегашниот секретар на партијата, Александер Добринт. Министерството за земјоделство оди во рацете на досегашниот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих. Министерството за развојна помош пак ќе го преземе Герд Милер.

Габриел: Германија се наоѓа пред особено добар период

Денеска напладне и социјалдемократите ги објавија имињата на идните министри во кабинетот на канцеларот Меркел.

Шефот на СПД Зигмар Габриел ќе биде нов вице канцелар и министер за економија и енергија, шефот на пратеничката група во Бундестагот, Франк Валтер Штајнмаер ќе застане на чело на Министерството за надворешни работи, со кое впрочем раководеше и во легислативниот период 2005-2009. Благајникот на СПД, Барбара Хендрикс го доби ресорот екологија, додека генералниот секретар Андреа Налес ќе раководи со Министерството за труд и социјална политика. Заменикот претседател на СПД Мануела Швезиг го презема Министерството за семејство, а нов министер за правда и заштита на потрошувачите ќе биде социјалдемократот Хајко Мас.

Staatsministerin für Migration und Flüchtlinge Aydan Özoguz

Ајдан Озогуз нов државен секретар за миграција, бегалци и интеграција

Со заменикот претседател на СПД Ајдан Озогуз, за првпат во историјата на Германија, жена со турско потекло ќе заземе место во владата. Озогуз ќе биде државен секретар за миграција, бегалци и интеграција.

„Уверени сме дека со нашиот персонал сме извонредно подготвени“, изјави шефот на партијата Габриел при претставувањето на министрите на СПД денеска во централата на партијата, куќата „Вили Брант“ во Берлин.

Со големата коалиција на подобро ќе се свртат „многу, многу работи за луѓето во Германија“, беше уверен Габриел и дополни: „Мислам дека стоиме пред особено добар период за СПД и за земјата“.

Во вторник (17.12.) канцеларката Ангела Меркел и министрите во нејзиниот кабинет ќе положат заклетва.