1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Познатиот израелски писател – сатиричар Ефраим Кишон денеска полни 80 години

Извонредно плоден и успешен автор, преведуван во многу земји на светот, сепак е најомилен меѓу Германците – три четвртини од сите негови продадени книги се најдоа во рацете на германските читатели.

Сатирите на Ефраим Кишон се познати и омилени во многу земји

Сатирите на Ефраим Кишон се познати и омилени во многу земји

Бројките се импозантни: 880 издадени книги на 37 јазици со вкупно 43 милиони примероци. Најверни љубители на сатирите на Ефраим Кишон се германските читатели: 33 милиони примероци од неговите книги се продадени во Германија.

Ефраим Кишон е роден во Будимпешта како Ференц, односно Ферике Хофман. Растел во асимилирано семејство, се чувствувал како Унгарец. По матурата не можел да студира поради Законот за расите, па се решил да изучи златарски занает. Во 1944-та година започна уништувањето и на Евреите од Унгарија. Кишон заедно со уште 220 еврејски матуранти бил натеран да оди пешки се‘ до Словачка. Само тројца го преживеале тоа. По крајот на нацистичката диктатура се нашол во руско заробеништво. Литературните почетоци му датираат од 1940-та година, кога победи на литературен натпревар. Со публицистичка дејност започна по војната како уредник во некое унгарско списание. Во 1949-та година заедно со првата сопруга се отсели во Израел.

Првото театарско дело на Кишон напишано на хебрејски, “Штитеник” доживеа премиера во 1953-та година. Меѓународен пробив направи во 1959-та година, кога неговата книга “Свртете се, госпоѓо Лот” беше прогласена од весникот “Њујорк Тајмс” за книга на месецот. Истата година се ожени по втор пат и сопругата Сара доби постојано место во неговите сатири како “најдобрата сопруга од сите”. Таа почина пред две години, а лани Кишон се ожени за австриската пистелка Лиза Витасек. Живее кај Тел Авив и во Алпенцел во Швајцарија.

Кишон никогаш не го скриваше својот патриотизам спрема Израел. “Израел е мојата радост. За мене е навреда кога ме означуваат како космополит. Не, јас сум Израелец. Ова е мојот дом, мојата земја. По 2 илјади години јас спаѓам меѓу првите генерации Евреи кои не се проколнати да бидат прогонето и непочитувано малцинство” – вели Кишон. Во 2002-ра година му беше доделена наградата Израел: “Во поздравниот говор се најдоа и некои комплименти кои случајно се сосем на место. Признато е дека направив многу за Израел. Во Израел ние сме навикнати наградите секогаш да ги добиваат непријателите на земјата; сега за прв пат наградата му е доделена на еден произраелец” – рече во свој стил во таа пригода Ефраим Кишон.

Исклучително плоден како автор, Кишон работеше и по 18 часови дневно. Минатата година беше номиниран за Нобеловата награда, но не му беше доделена. За филмски сценарија е награден со три “Златни глобуси” и два пати е номиниран за “Оскар”.