1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Позитивното европско ехо како мотивација

Македонската политичка сцена е мобилизирана по најавите на Оли Рен дека има реални шанси за добивање датум за пристапните преговори. Власта најавува ефикасност, опозицијата конструктивност, а експерите се оптимисти.

default

Посетата на Оли рен на Скопје како импулс

Европската приказна која деновиве ја живее Македонија почна со радосната вест за укинување на визите што ја донесе високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана а продолжи со оптимизмот што го рашири еврокомесарот Оли Рен со оценката дека шансите за добивање датум насен се реални. Позитивното европско ехо кое сеуште одекнува делуваше мобилизирачки. Власта најавува ефикасност, опозицијата конструктивност.

Експертската јавност предупредува да не се создава еуфорија прерано.

Javier Solana bei Nikola Gruevski in Mazedonien

Неколку дена пред Рен и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Солана им пренесе слична порака на македонските власти

Министерот за евринтеграции, Васко Наумовски верува во искрените заложби на сите политички партии дека се подготвени да го дадат својот придонес за еврооска интеграција на земјата. Тој е оптимист дека Македонија до 15 септември ќе ги заврши обврските и ќе добие датум за преговори. Наумовски очекува на тој пат власта да ја има поддршката на опозицијата.

“Секако дека е направен определен напредок во сите одредници а некои се во завршна фаза. Сигурен сум дека конечната оценка на ЕК дали ќе препорача почеток на преговорите ќе се заснова на конкретните резултати што ќе ги постигне Македонија наредните седмици“.

Очекувањата на министерот Наумовски ги потврди пратеникот на опозициската ЛДП Андреј Жерновски. Тој вети конструктивност во име на повисоката цел, но не се воздржа од критика на сметка на владата.

Оптимизмот е видлив и кај експертската не само кај политичката јавност. Сепак аналитичарите се повоздржани оптимисти од политичарите. Сметаат дека е најважно да не се создава еуфорија предвреме.

Печатот посветено и во детали ја анализира оваа последна етапа од македонската евроинтеграција. Европско лето, ветар в грб, препорака за датум со вето или без вето, се само дел од ударните наслови во денешните изданија на весниците.

Ќе се исполнат ли фамозните осум услови

EU Flagge Symbolbild Kommission in Brüssel

Прв пат од Брисел се навестува подготвеност за таков чекор, пишува „Утрински весник“ на насловната страница. Во коментарот на истата тема Утрински порачува. Македонската политика колку и да има поволен ветар в грб не смее да ги остави работите на случајност. Слично како и на самитот на НАТО во Букурешт да очекува дека некој друг ќе ни ги реши проблемите. Потребна е посветеност но и мудрост за донесување вистински одлуки, заклучува „Утрински Весник“. На истата тема „Време“ објавува поента под наслов Европско лето. Македонија ја има најголемата можност конечно да се ослободи од статусот на земја вечен кандидат за членство во ЕУ. Владата да го искористи европското расположение и да ги исполни фамозните осум услови кои се пред се за нас да имаме поквалитетна полиција, непартизирана јавна администрација и независно судство. Европската приказна за оваа година нема да биде целосна доколку останеме во чекалницата во која тапкаме речиси пет години, заклучува „Време“.

Беше доволно Оли Рен да ни го отвори прозорецот и да каже дека има шанса наесен државата да добие датум за преговори па земјата да почне да се мобилизира, констатира денешен „Дневник“. Доволна е една сеанса во Клубот на пратениците за да се поправи она што со месеци се упропастува и се арчи. Не е успех почеток на преговорите за членство во ЕУ ако немаме судство и администрација на кои им верувам, ако полиција не спасува од крвопролевање на изборите, ако не сме расчистиле со копрупцијата, заклучува „Дневник“.

Автор: Горан Петревски

Редактор: Симе Недевски