1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Позитивни сигнали од Иран?

Со оглед на заканата за заострување на санкциите поради неговата спорна атомска програма, Иран сигнализираше подготвеност за преговори. Вашингтон, засега, е воздржан и не реагира официјално на сигналите од Техеран.

default

Главниот ирански преговарач Саид Џалили најави проширен преговарачки пакет

Пред денешната средба на претставници на САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија во Визбаден, кои ќе расправаат за иранската атомска програма, главниот ирански преговарач Саид Џалили најави проширен пакет за преговори. Со него би требало да се постигне обвновување на преговорите.

Иран во моментов поради внатрешните турбиленции не е во состојба искрено да преговара

Iran Atomstreit - Iranische Atomanlage Buschehr

Иранската атомска постројка во Бушер

Досега меѓутоа Белата Куќа ги знае само информациите од новинските агенции за подготвеноста за дијалог и за наводниот нов преговарачки пакет на Иран. Американскиот претседател Барак Обама му постави рок на Техеран до крајот на септември да одговори на понудата за обновување на преговорите за неговата спорна атомска програма. Во спротивно, Иран ќе се соочи со значително заострени санкции, изјави портпаролот на Белата куќа, Роберт Гибс. Меѓутоа, експерот за Иран, Трита Парси од Иранско-амриканскиот комитет во Вашингон, предупредува:

„ Сметам дека со оглед на лабилната внатрешно-политичка ситуација, владата во Техеран во моментов не е во состојба да води искрени преговори за нејзината атомска програма.“

Сепак, тој ја предупредува американската администрација да не говори уште сега за можните последици од евентуално одбивање на понудата за преговори од страна на Иран. Колку повеќе владата на Обама зборува за план Б, толку повеќе го загрозува нејзиниот план А, истакнува Парси.

Меѓутоа, планот Б веќе подолго време се наоѓа на маса во американскиот Конгрес. Вашингтон планира да му зададе удар на Техеран со неговото сопствено оружје - нафтата. Имено, Иран е петтиот најголем производител на нафта во светот, кој меѓутоа, мора да увезува дури 40 проценти од бензинот што го употребува, зашто во моментов му недостасуваат рафинерии.

Воената опција останува на маса

Symbolbild Iran und USA

Барак Обама очекува ирански одговор за неговата понуда за преговори

Според американските сознанија, Техеран во моментов се труди со кинеска поддршка да изгради гигантска рафинерија за рекордно време. Но, владата на Обама поаѓа од тоа дека едно драматично намалување на испораките за бензин, во наредните три години особено тешко би ја погодиле владата на претседателот Махмуд Ахмединеџад. Меѓутоа, што ако Иран и покрај санкциите и натаму атомски се вооружува?

„ Воената опција останува на маса“, порача шефот на генералштабот на американската армија, Мајк Мален. И министерот за одбрана Роберт Гејтс предупреди:

„Нуклеарно вооружен Иран не може да биде толериран, зашто ќе го дестабилизира целиот регион.“

Обама, сепак, ќе се обиде да стори се’ за да избегне воен напад врз исламската република, зашто покрај војните во Ирак и Авганистан, тој не може да си дозволи и трет вооружен конфликт.

Истотака последиците од евентуален американски напад врз Иран се непресметливи. Иран секако ќе го возврати ударот и тоа заедно со неговите сојузници, радикално-исламистичките организации Хамас во појасот Газа и Хезболах во Либан. Покрај тоа, тој би можел како сосед на Ирак и на Авганистан да им го загорчи животот на американските војници во овие земји. На Обама му се јасни ваквите катастрофални последици. Меѓутоа, прашање е уште колку долго Израел ќе биде воздржан и пасивно ќе ги слуша повиците „смрт за Израел“ во парламентот во Техеран. А САД нема да му стојат на патот на Израел во случај на напад врз Иран, рече уште пред два месеци американскиот потпретседател, Џозеф Бајден.

Автор: Ралф Зина/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска