1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Позитивни сигнали за македонското земјоделство?

Во рамките на регионалниот форум за храна и земјоделство на Зелената недела во Берлин е потврдено раздвижувањето во аграрот во Македонија и регионот, кои остануваат отворени за странскиот капитал.

„Зелената недела“, најголемиот саем од овој тип во светот, и годинава во Берлин донесе над 1.630 производители, преработувачи и дистрибутери од 67 земји. Иако станува збор за комерцијален саем на кој се продава се’ и сешто, во наредните десет дена приликата да се претстават со она што го имаат ќе ја искористат сите земји од регионот, со исклучок на Македонија. Земјата нема свој штанд, а за неа нема ниту еден пишан ред во мега промотивните материјали. На денешниот самит (19.01) на министрите за земјоделство ќе учествува првиот човек на македонскиот аграр Љупчо Димовски. Мала застапеност на земја кандидат за ЕУ, зашто презентацијата би била вистински погодок во момент кога во Македонија има позитивно раздвижување на земјоделското производство. Ова е констатирано во проектот за шансите и предизвиците за инвестиции во земјите од регионот, што го претстави Постојаната група за регионален рурален развој во Југоисточна Европа (СВГ РРД).

Пробив на виното и зеленчукот

„Целиот регион е гладен за инвестиции“, констатираат не само изготвувачот на проектот Бобан Илиќ (генерален секретар  на СВГ РРД), туку и Томас Кирхберг, претседавач на работната група за земјоделство на Комисијата за истокот на Германското стопанство. Од релевантните податоци на независни финансиски институции, како на пример Светската банка, се гледа дека споредено со силните европски држави, земјите од регионот многу побезболно се справуваат со финансиската должничка криза. Овие показатели се посебно упатени на адреса на потенцијалните инвеститори кои во сферата на аграрот имаат можност за вистински бизниси во Македонија и регионот.

Grüne Woche

Министерот Љупчо Димовски учествува на самитот на министрите за земјоделство

„Без сомнение Македонија е исклучително конкурентна со виното, свежиот зеленук и неговите преработки“, подвлекуваат и Бобан Илиќ и Герд Флајшер од ГИЦ (Германското друштво за меѓународна соработка).

Позитивно е и што последниве две години има промени во структурата на извозот на виното. Се’ повеќе се продава флашираното вино, што без дискусија носи и поголема добивка. Но, главен конкурент на македонското вино и натаму остануваат продуктите од Јужна Африка и Австралија кои, според Тобијас Штолц ( ГИЦ), ќе бидат проблем на неопределен временски рок. 

Што се однесува до зеленчукот, свежиот и преработениот, иако се пробива на европските пазари, за да има вистински извозен бум проблем остануваат количествата, кои се мали, недоволно планирани, без особен имиџ  и недоволно познати. За ова е неоходно не само подобро запознавање и информирање на пазарите, туку и поагресивна реклама преку студиски посети на производните полиња од страна на потенцијалните купувачи. Секако во групата земјоделски извозно ориентирани производи е македонското јагнешко, кое ги исполнува европски стандарди и има солиден квалитет.

Grüne Woche Berlin

Македонија е конкурентна со виното

Позитивното раздвижување во земјоделскиот сектор, како што подвлече за ДВ и Бобан Илиќ, се должи и на субвенционирањето од страна на државата. Овие инвестиции, меѓутоа, немаат експресен ефект, туку е потребно време додека се почувствуваат вистинските ефекти. На пример, ако имало субвенции во нови лозови насади во 2008, првите ефекти би можеле да се очекуваат дури 2012-2013. Значи она што ќе се вложи, сигурно ќе донесе резултат, но треба да се има трпение.

Неискористени фондови

Наспроти посочената „глад“ за инвестиции во земјоделството од регионот, „земјите со кандидатски статус нецелосно ги користат средствата кои Унијата им ги нуди за аграрот“, објаснува Ивона Лиштван , раководител на програмите ИПАРД од Генералната дирекција за земјоделство на Европската Комисија. Македонија, Хрватска и Турција, како земји кандидати, во периодот од 2007 до 2013 имале на располагање вкупно 1,1 милијарди евра, од кои добар дел (речиси третина) не се искористени. Ова значи дека доколку средствата до крајот на годинава не се ефектуираат преку програми, ќе останат неискористени, односно ќе пропаднат!

„Ова важи за Македонија, но и за целиот регион. Фондовите се тука и треба само добри програми“,  апелира Ивона Лиштван, според која и Македонија преку интересни програми за модернизација, машини, фарми, земјиште и слично треба да го искористи она што и’ се нуди. Инаку, во наредниот седумгодишен финансиски блок за земјоделството од ЕУ (2014 – 2020)  ќе бидат вклучени и Србија и Црна Гора..

Потребата од поголема соработка и контакти меѓу Македонија и германските потенцијални инвеститори  ја истакна и Рајнер Линднер, раководите на Комисијата за истокот на германското стопанство. Тој вели дека саемите и форумите, каков што е Зелената недела во Берлин, се вистинско место за контакти и иницирање подлабока соработка и е отворен за разговори.

Поврзана содржина