1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Позитивни сигнали за Македонија

Македонскиот претседател Црвенковски побара европските земји да се вклучат во решавањето на спорот со името. Со кои други предизвици и перспективи се соочува Македонија на патот кон ЕУ?

default

Македонскиот претседател Бранко Црвенковски.

Без јасни евроатлантски перспективи, ниту една балканска држава не може да напредува по најбитните прашања, а тоа се демократијата, економскиот развој и добрососедската соработка, порача македонскиот претседател Бранко Црвенковски на меѓународната конференција во Берлин, посветена на предизвиците и перспективите на македонското приклучување во евроатлантското семејство.

„Историското искуство не ни дозволува да веруваме дека во регион како Балканот ќе може да живееме во демократско и стабилно опкружување ако се наоѓаме во иозлација, наместо заедно со сите останати во европските интеграции“, додаде Црвенковски.

Владата се брани, опозицијата критикува

Тезата на македонскиот претседател предизвика дебата меѓу претставниците на германската и македонската политика. Наспроти вицепремиерот Ивица Боцевски, кој ја бранеше евроатлантската линија на Владата,

Ivica Bocevski

Македонскиот министер за евроинтеграции, Ивица Боцевски.

пратениците од македонската опозиција критикуваа. Радмила Шеќеринска од СДСМ изјави дека сега проблемот е како да се врати довербата што Македонија ја уживала еден временски период и во ЕУ и кај некои земји членки. „Потребно ни е и многу повисоко ниво на доверба и соработка меѓу политичките фактори. Владата и Собранието, се разбира и претседателот мора во 2009- та година да направат пресврт. Шминка во овој случај нема да помогне“, рече Шекеринска, која е и претседател на Националниот совет за евроинтеграции.

Црвенковски: европските лидери да се вклучат во решавањето на спорот

Грчко-македонскиот спор со името се наметна во дебатата. Претседателот Црвенковски се заложи за фер решение и побара европските лидери да се вклучат во решавањето на овој спор.

„Решавањето на овој во суштина апсурден спор, за Европа ќе значи затворање на голема безбедносна дупка на југоистокот на континентот“, рече Црвенковски.

Поранешниот државен секретар во германското МНР, Кристоф Цeпел, констатираше дека Македонија по осамостојувањето, на патот кон ЕУ била спречена од Грција. „Тоа беше сторено толку неодговорно од Грција, што секое повикување од нејзина страна на античката традиција го сметам за голема глупост. Фактички би требало обете страни да престанат да бараат идентификација во робовладетелското општество”, рече Цепел.

Германскиот дипломат исто така смета дека перспективите на Македонија за влез во ЕУ за догледно време се минимални зашто македонскиот стандард изнесува 25 проценти од европскиот просек.

Колбо: недостатоци има, но ќе се поправат

Според дискутантите Македонија последниве години конечно влегла во фаза на економска стабилизација и пораст.

Deutschland SPD Walter Kolbow

Валтер Колбо, претседател на македонско-германското друштво.

„Токму кога започна нагорниот тренд, се случи светската финансиска криза. Македонија нема среќа во многу аспекти и најновиот пример е ова“, констатираше поранешната новинарка на „Франкфуртер алгемајне цајтунг”, Карола Капс.

Од друга страна, беше констатирано дека транзицијата предолго трае во земјата. Големите европски инвеститори веќе се позиционирани во другите источноевропски земји, иако Македонија од геостратешки аспект би имала добри шанси да биде регионален центар.

Сепак, позитивен е заклучокот од крајот на дебатата, кој го донесе Валтер Колбо, актуелен претседател на германско-македонското друштво: „Ова се позитивни сигнали за патот на Македонија кон ЕУ, не само пред, туку и по извештајот за напредок од Европската комисија. Надостатоци има и тие ќе се поправат!”

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема