1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Позитивни промени во образовниот систем во Македонија

Разговор со Тицијана Гарсија – Тапија, офицер за развој на образованието при ОБСЕ – набљудувачка мисија во Скопје

default

Г-ѓо Гарсија Тапија, како Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје го оценува образовниот процес во земјата ?

Образовниот тим, во рамките на Одделот за градење доверба во Мисијата на ОБСЕ, работи исклучиво на основното и средното образование. Активностите на тимот ги следат насоките поставени со мандатот на мисијата и препораките на Високиот комесар за малцински прашања во соработка со локалните власти. Имајќи го предвид фактот дека образовниот процес во земјата минува низ голем број реформи кои што се во тек, се’ уште е рано да се даде оценка.

Дали гледате промени на ова поле откако мисијата е присутна во Македонија ?

Мисијата на ОБСЕ работи на полето на образованието од 2005. Оттогаш се случија позитивни промени во образовниот систем, како што е децентрализацијата во образованието. За време на последната посета на Високиот комесар за малцински прашања на земјава, беше потенцирана важноста да се продолжи да се работи на остварување на интеграцијата преку почитување на различностите.

Што мислите за некои од реформите, кои што се случија во образованието? Прашувам за концептот на деветгодишно основно образование и историја на религиите како нов предмет?

Како што веќе споменав, во моментов образованието минува низ неколку реформи. Тие главно ги следат моделите на Европската Унија. Тоа е и случајот со деветолетката. Ова не претставува комплетно нов концепт. Во стариот југословенски систем постоеја градинките и подготвителните паралелки за основните училишта. Оваа реформа е реструктуирање на системот на основното образование и е позитивна промена. Предметот за историја на религиите се’ уште не е имплементиран и е рано да се процени.

Некои европски земји го напуштаат концептот на деветгодишното основното образование затоа што заклучиле дека има многу недостатоци. Македонија го игнорира овој европски тренд и сега започнува со концептот. Според Вас дали ова претставува добар чекор напред?

Како што веќе споменавме, деветолетката беше имплементирана во многу други европски земји и со цел да го следи овој модел Македонија го применува истиот. Успехот на овој концепт зависи од самата земја. Тешко е да се каже дали овој концепт ќе функционира во Македонија. Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе продолжи да ги набљудува промените во овој систем и’ ќе обезбеди помош на државата доколку постои потреба од тоа.

Дали државата го гарантира основното право на образование на малцинствата?

Државата прави многу да се гарантира основното право на образование за малцинствата. Основното образование се изведува на македонски, албански, турски и српски јазик (ромскиот, влашкиот и бошњачкиот јазик се изучуваат како факултативни предмети), а средното образование се изведува на македонски, албански и турски, со напори да се обезбеди и за останатите малцинства. Училиштата исто така одржуваат и 2 до 3 часа македонски јазик неделно за малцинствата, бројка која можеби треба да се зголеми со цел да се подобри познавањето на службениот јазик.

Синдикатот најавува штрајк поради ниските плати во секторот. Дали тоа би го компликувало почетокот на новата учебна година? Кој е најдобриот начин да се реши овој проблем?

Ова е прашање кое често се повторува и не би требало да биде проблематично. Добар приод кон проблемот би била успешна имплементација на фискалната децентрализација во земјата.

Многу училишта се во многу лоша состојба, државата нема пари да поправа и гради нови. Кое би било решението?

Иако Мисијата на ОБСЕ во Скопје не работи директно на проблемите со инфраструктурата, забележано е дека земјата се соочува со голем проблем во таа област. Државата го решава преку одделот во рамките на Министерството за образование и наука кој е директно одговорен за инвестирање во инфраструктурата. Овој оддел има план и листа на приоритетни училишта на коишто ваква инвестиција им е најпотребна. Од друга страна, меѓународните организации работат на ова прашање заедно со државата. И уште еднаш, се надеваме дека успешната имплементација на фискалната децентрализација ќе помогне понатаму во решавањето на ова прашање.

Кое е Вашето мислење за децентрализацијата во образовниот сектор? Дали е добро спроведена?

Изненадувачки е што процесот се одвива толку бргу. Се’ уште има потреба да се споделат информациите во однос на процесот, посебно на локално ниво. Образовниот тим во ОБСЕ подолго време работи на подигање на свеста за овој процес меѓу маргинализираните групи (родители и наставници). Се прават и напори за деполитизација на процесот (Испит за директори, Училиштен одбор/наставници, Совет на родители). На регионалните настани, Македонија беше подвлечена како модел кога станува збор за децентрализацијата во образованието.

Дали образовниот систем во Македонија е доволно добар да произведе добри работници и способни експерти на различни полиња?

Образовниот систем во Македонија се труди да излезе во пресрет на потребите на пазарот на трудот. На пример, многу е направено на полето на стручното образование. Постојат иницијативи во земјата каде што локалниот пазар на трудот е проценет и нови профили за стручните училишта се отворат соодветно на идентификуваните потреби. Генерално може да каже дека учениците во основните и средните училишта се здобиваат со пошироко знаење во споредба со останатите земји во ЕУ, каде што учениците започнуваат порано со специјализирани струки. Предноста на овој метод е тоа што учениците во земјата можат да решат подоцна во што сакаат да се специјализираат, со тоа што им се дава поширока можност. Од друга страна, наставниот план е преоптоварен, посебно со специјализирани предмети како математика и физика.

Споредено со земјите во регионот, која е позицијата на Македонија во однос на нивото на квалитетот на образованието?

Многу е тешко да се процени поради тоа што повеќето од земјите поминуваат низ реформи (како децентрализацијата) и транзиции во нивните образовни системи. Може да се каже дека Македонија прави позитивни чекори и напори да им излезе во пресрет на потребите на пазарот, зголемувајќи ги вештините во информатичката технологија и информациите за ЕУ интеграцијата .

Постојат голем број на приватни училишта и колеџи. Дали плурализмот во образовните институции дава поголем квалитет во образовниот процес?

Нормално е за едно модерно општество да има приватен и јавен образовен систем, создавајќи здрава конкуренција. Ова, во теорија, би го подобрило квалитетот на образованието.

Дали државата доволно се грижи за образовниот систем?

Како и во секоја земја, образованието треба да биде главен приоритет, поради тоа што ќе ги обликува идните генерации, просперитетот и иднината на земјата. Низ набљудувачките активности на ОБСЕ, забележавме дека државата “се грижи” за образовниот систем. Образованието секогаш може да се подобри во однос на финансиските средства и стратегија за во иднина, но ова е случај во поголемиот број општества во моментот.