1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Позитивен развој на американското стопанство - берзите "добија крила"

Шефот на американската емисиона банка Ален Гринспен во настапот пред Одборот за финансии на Претставничкиот дом изнесе позитивна слика за развојот на американската економија. Ситуацијата е подобрена од последниот негов извештај, лани во јули, изгледите за константен пораст се добри - оцени Гринспен. Со оглед на таквата ситуација, емисионата банка ќе продолжи со политиката на ниски камати - тие ќе останат на сегашното, најниско ниво за последните 45 години - но таа политика не може да трае неограничено. Минималната стапка на инфлација е впечатлива, пред се' со оглед на опаѓањето на вредноста на доларот. Очигледно, странските извозници презедоа еден дел од загубата во цената. Опаѓањето на ведноста на доларот се' уште не остави негативен ефект на американскиот пазар на капитал. Продуктивноста е зголемена, домашниот бруто, производ "енергично проширен" во втората половина на минатата година, а во тековнава стапката на пораст ќе изнесува 4 ипол до пет проценти, оцени Гринспен. Влијанието на позитивниот стопански развој на пазарот на трудот останало ограничено, но "со сета веројатност" тоа ќе се подобри. За Гринспен проблем е големиот буџетски дефицит и тука скоро мора да биде нешто преземено.
На позитивните оцени за состојбата на американската економија берзите реагираа со значителен скок. На Вол Стрит во Њујорк индексот достигна највисоко ниво за последните 32 месеца, а и во Токио е забележан скок од еден ипол процент. На германската берза, покрај извештајот на Гринспен, дополнително позитивно влијаеше и синоќа постигнатиот тарифен договор за металната индустрија во покраината Баден-Виртемберг, кој вообичаено во таа бранша игра улога на пример за целата земја.
По смирувачките искажувања на шефот на американската емисиона банка во однос на курсот на доларот, еврото направи нов скок и стигна на само половина цент до досега највисоката вредност остварена на 12-ти јануари.