1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Позитивен пример или закана за светот?

Во време кога стравот од тероризам ги подгрева предрасудите за муслиманите, исламската традиција во БиХ може да биде пример, наместо да се толкува како опасност. Какви се очекувањата од новиот реис и Исламската заедница?

Новиот, 14-ти по ред реис и врховен муфтија на Исламската заедница во БиХ, Хусеин Кавазовиќ, како најголема обврска ја има зацртано „темелната морална обнова на поединците, семејството, соседството односно моралната обнова на општеството“. Аналитичарите тврдат дека позитивниот развој на Исламската заедница ќе продолжи и понатаму при што особено ќе се внимава на меѓуетничкиот и меѓурелигискиот дијалог.

Соседско разбирање

Grenzpolizei Bosnien Streik

Тодоровиќ: босанскиот ислам може да биде пример за толеранција

Извршниот директор на Хелсиншкиот одбор за човекови права во Република Српска, Бранко Тодоровиќ, вели дека муфтијата Кавазовиќ го запознал во времето кога се одвивал процесот за враќање на населението во северо-источна БиХ. Според него, станува збор за човек кој во себе ги носи карактеристиките на луѓето од БиХ: едноставност, добродушност и подготвеност да се помогне во секоја ситуација. Тодоровиќ единствено се надева дека реисот ќе наиде на соработка и на други страна.

„Доколку погледнете наназад во историјата на БиХ ќе забележите дека исламот секогаш го промовирал и поддржувал соживотот на луѓе од различни етнички групи. Всушност, Исламската заедница во БиХ константно се залага за толеранција и почитување, нешто што тука го викаме соседски живот, соседско разбирање. Дури ни грозоморните злочини на Караџиќ, не успеаја да ја променат таа одлика на исламот во Босна и Херциговина“, вели Тодоровиќ.

Ние сме Европа

Ибрахим Малановиќ, заменик муфтија во Словенија, вели дека инагурацијата на новиот реис е голем настан за сите луѓе во БиХ, но и во дијаспората:

„Верувам дека новиот реис ќе покаже доследност во вршењето на сите функции, но и одговорност за обврските што стојат пред него, а тоа е пред се‘ просперитет на Исламската заедница во БиХ. Таа дури и во моментов е пример за тоа како треба да бидат организирани муслиманите секаде во Европа.“

Imam Mustafa Hadzic von der Bosnien-Kulturgemeinde in Köln

Имамот Мустафа Хаџиќ

Мустафа Хаџиќ веќе 12 години е имам во Келн. „Ние ја промовираме идејата за соживот, почит, меѓурелигиска и меѓунационална толеранција. Што и да се случи, каде било во светот тоа најпрво се рефлектира на дијаспората. Оттаму, ние сме првата линија за одбрана на моралните вредности и принципи на исламот. Затоа нашите задачи се многу поодговорни за разлика од оние на муслиманите кои живеат во своите земји.“

Преданост на Бога а не идеолошки деформации

Иво Марковиќ, професор по Францисканска теологија во Сараево, вели дека во моментов, исламот во БиХ е соочен со најголемиот предизвик – јазот меѓу прогресивните и конзервативните струења. Тој додава дека малиот број поддржувачи на конзервативниот ислам имаат цел своите сфаќања да ги премостат и во Европа, но од друга страна поголемиот дел од муслиманите во БиХ имаат прогресивни ставови и од новиот реис очекуваат да не биде врзан со минатото.

„Многу работам во насока на отстрануање на предрасудите меѓу христијаните, муслиманите и еврејството. Тоа се трите религии кои се неверојатно моќни духовни двигатели на светот и токму поради тоа мислам дека мора меѓусебно да соработуваат. Неопходно е овие религии да се вратат кон своите основни учења и преданоста кон Бога а не да станат подложни на најразлични идеолошки деформации“, вели Марковиќ.

Граница која не смее да се премине

Neuer religiöser Führer für Muslime in Bosnien

Кавазовиќ го наследува Цериќ

Во своето прво гостување на нацоналната телевизија во БиХ, реисот Хусеин Кавазовиќ рече дека за верниците е особено важно со своето однесување да не нанесуваат зло на другите и дека не е праведно на другите да им се наметнува одредено верување:

„По агресијата врз муслиманите, Исламската заедница мораше да го сочува нивното ментално здравје. Во Босна и Херцеговина и покрај сите злосторства врз нив, муслиманите не се одмаздија. Помеѓу сите останати фактори, тоа е делумно заслуга и на Исламската заедница.“

„Во иднина ќе се залагаме за целосна слобода на изразување и практикување на нашата религија, но секако ќе предупредуваме и за границите кои муслиманите, во БиХ но и било каде во светот, не можат да ги пречекорат. Овие граници се однесуваат пред се‘ на меѓусебното разбирање и почитување на својата религија без навреда кон останатите“, завршува реисот.