1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Позитивен биланс на турнејата на Обама

Од Каиро преку Германија до атлантскиот брег: како и секогаш ефикасен, американскиот претседател Барак Обама им даде нови импулси како на односите со исламскиот свет, така и на трансатлантските односи.

default

Историска порака кон муслиманскиот свет: Барак Обама во Каиро

Патувањето со Барак Обама наликува на турнеја на некоја голема поп-ѕвезда. Па дури и повеќе од тоа, бидејќи ниту една поп-ѕвезда на светот не доживеала во нејзина чест да биде блокирана половината од мегалополис, каков што е Каиро. Токму тоа се случи минатиот четврток, кога Барак Обама го одржа долго очекуваниот говор посветен на односите со муслиманскиот свет. Веќе самото обраќање на американскиот претседател со вообичаениот муслимански поздрав „Асалам алејкум“ предизвика одушевување кај избраната публика во големата сала на универзитетот на Каиро.

Barack Obama in Cairo

Пружена рака за нов почеток: Обама во Универзитетот на Каиро

А главната порака во неговиот говор предизвика вистинско славје меѓу голем број муслимани ширум светот: „Дојдов во Каиро за да барам можности за нов почеток во односите меѓу муслиманите и САД, почеток што ќе се заснова врз взаемна почит и заеднички интереси.“

Овации кај муслиманите, сомнение кај Израелците

Ова свртување на новиот американски претседател кон муслиманскиот свет предизвика скепса и негодување кај дел од граѓаните на Израел. Затоа, на следната станица на неговата турнеја, Обама упати јасен сигнал кон Евреите. Тој од Каиро допатува во Германија и го посети меморијалниот центар во поранешниот концентрационен логор во Бухенвалд, во близината на градот Вајмар. Пораката на Обама до Израелците гласеше: иако се залагам за создавање независна палестинска држава, сепак сум на ваша страна. По посетата на Бухенвалд, каде за време на владеењето на нацистите животот го загубија околу 50.000 луѓе, Обама порача: „До ден денес има такви, кои тврдат дека холокаустот не се случил. Негирањето на овој факт е знак на игноранција и исполнетост со омраза.“

Обама е жртва на големата популарност

Престојот на Обама во Дрезден и во Вајмар не помина без турбуленции. Главниот проблем, притоа, беше фактот што штабот на американскиот претседател, што ја планираше турнејата, се обидуваше да ја скрати официјалната програма, а домаќините не беа одушевени од тоа. Се разбира дека и германската влада сакаше да ја има на гости големата политичка ѕвезда што е можно подолго.

Obama in Dresden

Личниот однос е добар: Обама и Меркел во Дрезден

Поради таквиот судир на интереси, имаше дури и лошо расположение на средбите, а некои дури го наметнаа и прашањето - дали има лична неслога меѓу американскиот претседател и германската канцеларка. Обама решително им се спротистави на ваквите гласини: „Ваквите шпекулации се без основа. Само се обидовме да најдеме што може да направиме за време на така кус престој. Тоа е се’!“

Слични проблеми имаше и во Франција

Obamas Ankunft in Frankreich

Малку време за средба со францускиот претседател: Барак Обама и Никола Саркози со сопругите

Желбата на многумина да се најдат во близина на популарниот американски претседател предизвика проблеми и на последната станица на неговата куса турнеја, во Франција. Претседателот Никола Саркози сакаше високиот гостин од Америка да го присвои, но на крајот сепак мораше да го дели со сите гости на прославата на 65-годишнината од историската операција на американските и другите сојузнички сили во Нормандија, што го донесе дефинитивниот пресврт во Втората светска војна. Згора на тоа, Барак Обама ги резервираше двете вечери од престојот во Париз за дружење со неговото семејство, а не со Никола Саркози: „На добрите пријатели не им се важни симболите, конвенциите и протоколот“, порача американскиот претседател.

Автор: Ана Енгелке/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска