1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Пожарите во Грција и натаму беснеат

Луѓето во подрачјата загрозени од пожарите доживеаја трета последовна хорор-ноќ. Од избивањето на првиот голем пожар во петокот во огнената стихија животот го загубија најмалку 61-но лице

default

Борба со пожарот кај Олимпија

4 големи и редица помали пожари пустошат на полустровот Пелопонез во близина на античката Олимпија, кај Каламата и кај Спарта. Музејот во Олимпија, со многубројните вредни скулптури и други експонати, е спасен од огнената стихија, но таа го опустоши целото зеленило во неговата околина, па и на ридот Кронос, на кој традиционално се одвива церемонијата на палење на олимпискиот оган.

Луѓе од околината на Олимпија очајни се јавуваа по телефон: “Гори на секаде во селата околу Олимпија. Не се доволно пожарникарите што дејствуваат на земја и од воздух. Овде има толку многу жаришта на оган. Ни треба повеќе помош”. “Луѓето се овде собрани во училиштето и на лицето држат влажни крпи за да не се задушат”. Многубројни доброволци им помагаат на пожарникарите.

Пожари беснеат и на вториот по големина грчки остров Еубеа. Беше запрен и железничкиот сообраќај меѓу Солун и Атина, откако шумски пожар изби и кај Ламиа. Според официјални информации, од избивањето на првиот голем пожар во петокот досега животот го загубија најмалку 61-но лице, повеќе од 100 се повредени, а илјадници останаа без покрив над главата.

Денеска се очекува да пристигне меѓународната помош. Вечер во воздухопловната база Елефсина, 30-ина километри западно од Атина, треба да пристигнат и три германски воени хеликоптери. Се очекува доаѓање и на 4 проивпожарни авиони од Србија, два од Шпанија и еден од Романија и уште 8 хеликоптери од неколку европски земји и Израел, од каде треба да стигнат и 55 искусни пожарникари.

Уште вчера започна ангажманот на 4 авиони од Франција специјализирани за гасење пожари, со што беа растоварени целосно исцрпените грчки пилоти. Помош во неделата пристигна и од Италија, Норвешка и Израел. Грција побара помош и од САД и Русија.

Во меѓувреме полицијата уапси повеќе лица осомничени за подметнување на пожари, за на местото на уништените шуми да се добие градежно земјиште. Властите распишаа високи парични награди за информации што би воделе кон откривање на подметнувачи на пожарите.