1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Поединечните инциденти фрлаат лоша светлина врз земјата

За изборите во Македонија со Дорис Пак, пратеник во Европскиот парламент од Христијанско-демократската унија, претседател на делегацијата на парламентот за врски со југоисточна Европа, разговара Нада Штајнман

default

Дорис Пак

Госпоѓо Пак, на предвремените парламентарни избори во Македонија победа однесе конзервативната партија на премиерот Никола Груевски. Сметате ли дека е тоа вистинска победа?

Пак: Што значи вистинска победа? Тој дури, колку што знам, освои повеќе од половина од местата во парламентот. Но, со тоа се’ уште не ја победи политичката состојба во Македонија, оти тој мора во владата да земе една од двете партии на Албанците, за да се погрижи меѓуетничката клима во Македонија да не се влоши. Проблем ќе биде за која ќе се реши. Тој претходно рече дека ќе го земе својот досегашен партнер ДПА. Тоа значи дека ДУИ, партијата која во последните години предизвика потешкотии, повторно ќе остане надвор и се сомнвам дека тоа ќе придонесе за смирување на ситуацијата.

Неделните избори, можеше често да се слушне деновиве, беа клучен тест за политичката зрелост на Македонија. Ја покажа ли сега Македонија таа политичка зрелост?

Според што се мери таа зрелост? Според фактот дека имаше инциденти и еден мртов? Тогаш може само да се каже дека земјата не е зрела, оти нејзините луѓе се’ уште не сфатија дека политички судири или интеретнички потешкотии не се решаваат со оружје. Поради тоа мислам дека овие избори не придонесоа безусловно да се констатира зрелост на земјата.

Но, во 90 проценти од избирачките места изборите поминаа в ред. Станува збор само за престрелки помеѓу приврзеници на партиите на Албанците. Зошто се случува тоа, зошто токму во Македонија? Албанците на Косово и во Албанија покажа дека се во состојба да одржат фер и демократски избори?

Тоа е навистина прашање. Проблем е што со престрелките меѓу Албанците се остава впечаток во странство дека ситуацијата во Македонија не е толку зрела, колку што би морала да биде, за да се направат наредните чекори. Имате право дека во најголем дел на земјата немаше никакви проблеми, изборите беа слободни и фер. Но, такви поединечни случаи, се разбира, фрлаат лоша светлина врз земјата и на Албанците едноставно мора да им се каже дека тие придонесуваат за таа да не напредува. Со Охридскиот договор на Албанците им е обезбеден добар третман - да бидат прифатени во сите области, во министерствата, во управата и така натаму, ставени се во рамноправна положба со сите граѓани, што во југословенско време никогаш не беше случај. Ако Охридскиот договор биде спроведен, тогаш нивната состојба во Македонија ќе биде толку добра, колку што веројатно не е никаде на другите подрачја населени со Албанци. Поради тоа, тие би можеле да бидат задоволни со ситуацијата и вистински да се потрудат Охридскиот договор да се спроведе и во парламентот. Проблем е само што ривалските албански партии и’ го отежнуваат животот на целата земја. ДУИ не може да сфати дека иако, како што разбрав ноќеска, има повеќе пратенички места од ДПА, веројатно повторно нема да се најде во владата. Но, на партијата која победила на изборите не може да и’ се пропише која од албанските партии да ја земе како партнер. Тоа покажува дека на албанска страна недостасува сфаќање за демократијата, дека победникот може да си избере коалиционен партнер, ако воопшто има потреба од тоа.

Сега како понатаму, што можеме да очекуваме?

Можеме да очекуваме дека владината партија ВМРО на премиерот Груевски, која победи со големо мнозинство, ќе формира влада колку што е можно побргу. Но, можеме исто така да очекуваме дека на албанска страна и натаму ќе владее немир и ќе бидат искористени многу поводи за и натаму да се одржува тешка ситуација и да се торпедира формирањето влада. Македонија се’ уште не го призна ни Косово, што од Албанците исто така ќе биде користено за да и’ се приредат потешкотии на владата, иако во регионот ни Црна Гора не го призна. Мислам дека обете влади си даваат малку време и не сакаат да долеваат масло во огнот во односите со нивните соседи. Поради тоа мислам дека албанското население во Македонија со ова прашање ќе ја доведува владата во тешкотии уште едно некое време.

Како ќе постапи ЕУ?

Како треба да постапи ЕУ? Ние навистина внимателно ќе ја набљудуваме ситацијата, ќе анализираме што навистина се случи на изборите, дека тоа беа слободни и фер избори во најголемиот број избирачки места, дека Албанците понекаде не се однесуваа така, како што се бараше. Ние, Европската Комисија и Европскиот парламент, можеме само да апелираме на населението, а сега пред се’ на политичарите во земјата, да го забрзаат патот на Македонија кон ЕУ со тоа што ќе се договорат за влада, што ќе преестанат со непотребни спорови или дури и со престрелки. Ние не можеме да направиме повеќе. Радо би сакале Европскиот парламент на крајот од годинава да и’ даде на Македонија датум за преговори за пристап. Не знам дали со ситуацијава што ја имаме сега таа работа се забрза или не. Посакувам да можеме да го направиме тоа, дотолку повеќе, што имаме и друг проблем со Македонија, оти соседот Грција безусловно сака промена на нејзиното име. Од една земја всушност не може да се очекува да си го промени името и да се откаже од својот идентитет, во случајов од македонскиот, само поради тоа што таков идентитет има и во соседната земја. Значи, има многу проблеми кои со избориве не се решени. за да се промени името во една земја е потребен многу широк консензус, а се сомневам дека владата ќе може и дека сака да го постигне.