1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Под „лупа’’ на УНЕСКО културното и природното богатство

Неделава во Берлин се оддржа конференција на членките на УНЕСКО од Европа, на која беа презентирани периодичните извештаи на земјите во зачувувањето на културното и природното наследство. Меѓу учесниците беа и претставници од Македонија.

Културното и природното наследство се оставштини од минатото, со кои сега живееме, а треба да се сочуваат и да им се предадат и на идните генерации. Tоа културно и природно богатство, без разлика на територијата на која се наоѓа им припаѓа на сите луѓе од светот.Вака УНЕСКО ја дефинира материјата за која повеќе децении се грижи. На листата на заштитени културни и природни богатсва се наоѓаат 812 наслови или поконкретно 628 културни споменици, 160 природни и 24 мешовити во 137 земји од светот. Од 1979, односно 1980 година под заштита на УНЕСКО е и Охрид. Периодичните извештаи што ги подготвуваат земјите кои имаат обејкти кои се под заштита на УНЕСКО имаат за цел да се види како се одвива грижата, има ли проблеми, што треба понатаму да се презема. Каква состојба во извештајот презентираше Македонија?

“Позитивно е што се инвестира во конзервирањето на црквите и другите локалитети. Негативно, пак, што со урбанизацијата и усвојувањето на урбанистичките планови во старото градско јадро не се почитуваат до крај забелешките на заводите за заштитата на спомениците на културата’’- вели за презентираното на средбата во Берлин Билјана Тановска, раководител на секторот за заштита на културното наследство во Министерството за култура на Република Македонија. На листата за заштита на УНЕСКО летово се кандидираше и македонското изворно оро тешкото, што според Тановска е прв обид за заштита на духовното културно наследство.Но, поради долгата и сложената процедура се уште е неизвесно дали и кога “тешкото“ ќе го добие покровителството на УНЕСКО.

Освен за Охрид како културно наследство во регионалниот извештај се најде и Охридското Езеро.Даринка Јантинска од Министерството за животна средина и просторно планирање кажува дека Охридското Езеро е едно од седумте природни богатства што се под заштита на УНЕСКО. Направено е доста во заштитата на водата, биодиверзитетот и бреговата линија. Поточно, со колекторскиот систем се заштитени 95 проценти. Проблем е меѓутоа што е заштитена само македонската страна, поради што од УНЕСКО е побарано да ја земе под грижа и албанската, со што Езерото би било комплетно заштитетно.