1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Под закана на „студената смрт“

Многумина бездомници во Германија се премногу горди за да прифатат да одат во принудните сместувалишта. На температури далеку под нулата, тоа е фатално.

„Овде сум редовен гостин“, мрмори Волфганг и вдишува длабоко чад од цигарата што ја завиткал сам. Кога вели овде, мисли на „Сити стејшн“, едно од принудните сместувалишта во Бон, што го води Каритас. Светла подрумска просторија, дрвени клупи, мал бар и еден телевизор. Но, најважното е парното греење, вели Волфганг. „Без оваа просторија не би преживеал“, додава тој и ја навлекува црната волнена капа, што ја носи и внатре, малку повеќе на главата.

Волфганг има 71 година, живее на улица - во Минхен, Франкфурт, Берлин. Сега е во Бон.

„Вообичаено преноќевам во банки, во простории кадешто се автоматите, потоа во станици од подземната железница и влезови во згради. Но на минус десет степени, како ноќеска, надвор не се преживува, ќе се замрзнев“. Замислено ја гали побелената брада и климнува во насока на клупата во аголот: „Ова ми е сега кревет“. Нема душек, ниту перница, но тој е среќен.

Бездомниците се особено загрозени

Obdachlose in Bonn

Волфганг ја носи волнената капа и внатре

Во Германија бројот на бездомници се проценува на повеќе од четврт милион. Од нив, 20.000 луѓе како Волфганг навистина и живеат на улица, постојано. Веќе има први смртни случаи поради студот. Повеќе хуманитарни организации како Каритас нудат сместување - едноставни, загреани простории или шатори. Тука може да дојде секој кој има лична карта. Но, има и поудобни сместувалишта, во кои може да се остане подолго од неколку ноќи, како на пример - „Хаус Себастијан“, кое го води Здружението за помош на загрозени лица.

Само со дозвола

Тука преноќева Марсел. Со своите 18 години тој е меѓу најмладите бездомници во Бон, чиј број се проценува на околу 50. „За да се дојде овде, мора да се има упат“, вели Марсел. Таквата дозвола за кревет во домовите за бездомници, на пример, се дава во службата за социјална помош во градот. Да се добие дозвола не е тешко. „Пред неколку дена го загубив станот и прилично се плашев од животот на улица. Сега, на студот, и онака имам само една можност - или да одам во дом за бездомници или да се смрзнам на улица.“

Obdachlose in Bonn

„Сити стејшн“ за голем број бездомници во Бон е спас

Во сместувалиштето не се сите кревети пополнети. Марсел знае зошто голем дел од бездомниците не сакаат во дом. „Тоа се должи на строгите правила - нема алкохол, нема дрога. Кој ќе ги прекрши правилата добива забрана за доаѓање, веднаш! Освен тоа и се краде. Тоа е полошо отколку на улица.“

Но, има и една друга причина, вели Марсел: „Гордост. И ние бездомниците имаме своја гордост. И јас требаше да ’голтнам’ пред да побарам кревет во дом.“

Дека бездомниците поради гордост не бараат радо помош, потврдуваат и многу иницијативи за помош, кои на студот имаат воведено вонредни смени. Воведени се и посебни телефонски броеви на кои граѓаните може да се јават и да пријават бездомници кои спијат на отворено. Во големите градови како Келн, има патроли кои шетаат и откриваат случаи на бездомници на кои итно им е потребна помош. Во Берлин и Франкфурт дури во оптек се и специјални автобуси кои собираат бездомници и ги носат во сместувалишта.

Голема подготвеност за помош

Obdachlose in Bonn

Марсел знае зошто бездомниците не одат во сместувалишта

Саша Дикман работи како доброволец во Црвениот крст во Есен. Секоја вечер со пријателите вози низ градот и бара бездомници. „Радо го земаат нашите топли чаеви и супи, како и топла облека и ќебиња“, вели тој додавајќи: „Но кога сакаме да ги однесеме во принудно сместувалиште, одбиваат. Повеќе сакаат да шетаат низ градот цела ноќ за да не смрзнат. Го почитувам тоа, но се разбира, шокиран сум кога ќе видам дека некој на минус 10 степени лежи во некој влез во зграда“.

Саша Дикман е трогнат од „енормната подготвеност за помош“ што ја покажуваат граѓаните во моментов. „Доволен е само еден повик на радио и добиваме безброј парчиња облека и ќебиња. Тоа е извонредно чувство.“

Автор: Мирјам Клауснер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски

Аудио и видео прилози на оваа тема