1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Подобри информации за климата за подобар свет“

На третата Светска климатска конференција, која денеска (31.08.2009) започнува во Женева, ќе се договараат стратегиите за прилагодување на климатските промени и глобална информациска мрежа за климата.

default

Недостатокот од информации за природата и за животната средина, според проценките на Светската организација за метеорологија, ја попречуваат во заканувачки размери борбата против последиците од затоплувањето на земјината топка. „Во многу земји се донесени одлуки без да се поседуваат неопходните информации“, предупреди Генералниот секретар на организацијата Мишел Жаро. Затоа, на третата Светска климатска конференција, која денеска започнува во Женева, ќе се договараат стратегиите за прилагодување на климатските промени и глобална информациска мрежа за климата. Околу илјада политичари, научници и биснисмени ќе учествуваат на конференцијата, која до 4 септември се одржува под мотото „Подобри информации за климата за подобар свет“, во организација на Светската организација за метеорологија.

Историски конференции за климата

За нив не знае секој, меѓутоа првите две конференции за климата на Светската организација за метеорологија во 1979 и во 1990 година важат за историски чекори. Промената на климата да се третира како глобален предизвик беше агендата на овие конференции. Тие, меѓу другото, доведоа и до основање на Светскиот совет за климата и на Рамковната конвенција за климата на ОН. Сега, три месеци пред одлучувачката конференција во Копенхаген на крајот на годинава, на која треба да се усвои договор за заштита на климата, што ќе го наследи т.н. Кјото протокол, чие важење истекува во 2012 година, Светската конференција за климата во Женева се смета себеси за важен мост меѓу големата политика за климата и имплементацијата на договореното на лице место. Др. Хозе Ромеро од швајцарското министерство за животна средина е еден од претседавачите со конференцијата:

Klimawandel Arktiseis schmilzt in Rekordtempo

„Целта на третата конференција за климата е да постави глобална мрежа за услуги во областа на заштитата на климата, која се грижи за техничките аспекти, кои се важни како за конференцијата во Копенхаген, така и за политичарите и за носителите на одлуки, кои секојдневно се занимаваат со ова прашање.“

Вода, енергија, земјоделство, урбанизам - сите овие области, според др. Ромеро, ќе профитираат од подобрената мрежа за размена на информации за климата:

„Во моментов метеоролошките служби и одговорните за заштита на климата во целиот свет имаат многу информации, еден голем капацитет за предвидување на идниот развој во различни временски периоди. Амбициозната цел на оваа конференција е сето тоа да се интегрира во една глобална мрежа и на лице место да се стави на располагање како практично употребливо орудие.“

Земјоделството профитира од прецизните климатски податоци

Еден сектор, кој особено силно ќе профитира од прецизните климатски податоци и прогнози за иднината, би било земјоделството. Подготовка за сушните периоди или садење на алтернативни насади се дел од неопходните мерки за прилагодување на временските услови во многу делови на светот. Информациите меѓутоа не доаѓаат секогаш навреме кај оние на кои директно им се потребни. Тоа треба да се промени во иднина, сметаат организаторите на Светската конференција за климата.

Deutschland Wetter Extremwetterkongress in Hamburg

Метеоролошките информации се важни за повеќе области

Глобалната мрежа податоци за климата би требало да ги интегрира сите технологии кои стојат на располагање. Од најскапите сателитски технологии, па се` до објавувањето на предупредувања за невреме преку радио во посиромашните земји со слабо развиена ифраструктура.

Важен е секој напор за спас на климата

Други организации кои се занимаваат со промената на климата, ја потврдуваат важната улогата на оваа Светска климатска конференција. Професорот Герд Тецлаф е метеоролог на универзитетот во Лајпциг и претседавач со научниот совет на Германскиот комитет за справување со катастрофи:

„Светската климатска конференција нормално игра голема улога, зашто експертите за климата пред се` дискутираат за тоа како да се стигне до одговорните со цел тие да можат да извлечат поуки од резултатите од прогнозите на климата“.

Др. Валтер Аман е претседател на меѓународнаата организација „Глобал Риск Форум“ , која е со седиште во Давос. Тој објаснува зошто учествува на третата Светска климатска конференција:

„Сметам дека во моментов за оваа проблематика не може ниту доволно да се зборува ниту доволно да се дејствува. И секој напор што се случува во моментов е многу вреден, за навистина да може да дојде до глобално придвижување, во насока на спроведување на можните мерки за спречување на климатските промени и механизмите за прилагодување на нив.“

Автор: Ирене Куајле/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска