1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Подобар третман кон инвеститорите

Членките на Македонско-германското стопанско здружение се претежно задоволни од сопствениот бизнис во Македонија. Но, во традиционалната годишна анкета побараа во земјата да се засилат реформите.

default

Фирмите членки на Македонско-германското стопанско здружение се претежно задоволни од сопствениот бизнис во земјата, но бараат државата сериозно да се однесува кон инвеститорите. Иако очекуваат 2010 да биде нешто подобра од кризната 2009 година, бараат македонските власти итно да ги засилат реформите, пред се’ во делот на јавната администрација, борбата против корупцијата и да се обезбеди правна сигурност за инвеститорите. Во годишната анкета на здружението, дури 69 проценти од фирмите оцениле дека рамковните услови за бизнис се лоши, а само 6 насто сметаат дека тие се добри.

Критика за неефикасноста на јавната администрација

Извршниот директор на Македонски телекомуникации, Николај Бејкерс изјави дека најголем дел од членките ја критикуваат неефикасноста на јавната администрација: „Тоа владата го знае. Има одредени подобрувања, но секој што работи во Македонија знае дека тоа е вечна борба“, вели Бејкерс.

Раководителот на Унијата на германски комори во Македонија, Михаел Шмит е поконкретен: „Под инвестиции ние главно подразбираме проширување на дејноста. Многу е важно фирмите кои веќе се во Македонија да се третираат како инвеститори. За прилив на нови странски инвестиции многу е важно какви сигнали испраќа владата во странство, но и конкретните мерки. Ние сме партнери со македонската влада и работиме за тоа Македонија подобро да се позиционира како земја за инвестиции“, вели Шмит.

Какви се очекувањата?

Резултатите од анкетата покажуваат дека 44 проценти од фирмите очекуваат 2010 да биде подобра на економски план, додека 28 насто очекуваат влошување. Околу 26 проценти од фирмите најавуваат инвестиции во Македонија, а дури 45 проценти сметаат дека извозот ќе се зголеми. 66 насто од фирмите велат дека повторно би инвестирале во Македонија, што е 10 проценти повеќе од лани.

Македонско германското стопанско здружение инаку годинава одбележува една деценија постоење. Во 2000-та година тоа е формирано по иницијатива на Унијата на германските комори. Во здружението членуваат 132 фирми.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Александра Трајковска