1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Подигнато обвинение против преживеаниот бомбаш од Бостон

На Џохар Царнаев ќе му се суди за тероризам, а судот ќе ја отвори расправата на 30 мај. Во првите изјави Џохар го обвинил својот постар брат дека ги организирал нападите.

Првото судско сослушување на Џохар Царнаев, обвинет за извршување на терористичкиот напад во Бостон, е закажано на 30 мај. Против 19-годишниот Царнаев вчера беа подигнати обвиненија за масовно убиство на луѓе во бомбашки напад за време на минатонеделниот Бостонски маратон, при што загинаа три лица, а повеќе од 180 се повредени.

Царнаев е обвинет за користење на оружје за масовно уништување, како и за злонамерно уништување на имот, што предизвикало смрт. За овие дела предвидена е смртна казна или доживотен затвор.

Претходно, Белата куќа соопшти дека Царнаев ќе биде суден од Федералниот суд, но нема да биде третиран како непријателски борец.

„Кон него нема да се однесуваат како кон противник кој дејствувал како непријател. Ние ќе го судиме како терорист во рамките на нашиот граѓански судски систем во согласност со законодавството на САД“, истакна портпаролот на Белата куќа Џеј Карни.

Царнаев по потекло е Чеченец, натурализиран американски граѓанин. Според Карни, во согласност со американските закони државјаните на САД не можат да бидат судени од воени комисии. Поголем број конгресмени побара од администрацијата на Барак Обама на Царнаев да му се суди како на непријателски борец, со цел посилно да му бидат ограничени правата и да се зголеми времето за распит.

Според американските медиуми, во првите изјави Царнаев рекол дека организатор на терористичките напади бил неговиот брат, и дека немало вмешаност на меѓународните терористички организации во нападот. Според прелиминарната истрага, браќата биле џихадисти, но мотивот за нападот се уште не е целосно утврден.