1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Подем на уметничката фотографија во Македонија

Денеска (12.11.2010) во Скопје ќе биде отворена „Фотомедиа 2010“. Ова меѓународна изложба на уметничка фотографија е нова можност за согледување и на состојбите во кои се наоѓа македонската арт-фотографија.

default

Фотографија на Цветан Гавровски со наслов: „Семеен портрет во Аликоџ“

Цветан Гавровски, арт-фотограф и професор на Факултетот за електротехника и информатички технологии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, вели: „Фотографското творештво во Македонија и во минатото имаше длабоки корени. Деновиве беа одржани, по 48-ми пат, традиционалните ’Денови на македонската фотографија’. Но, покрај оваа значајна изложба, која со години е поттик и предизвик за нашите автори, во последнава деценија сме сведоци и на неколку други значајни меѓународни манифестации, кои се организирани кај нас: Меѓународното биенале ’Фотомедиа и ’Куманово Салон’, кои се организираат под високиот патронат на Светската федерација на арт-фотографија - ФИАП.

Cvetan Gavrovski

Автопортрет на Цветан Гавровски

Тие се влезени во календарот на значајни фотографски настани, а Куманово и Скопје станаа посакувана адреса на многу познати автори од целиот свет. Само за илустрација: на годинешниов ’Куманово Салон’ конкурираа автори од 50 држави, со околу 3 илјади фотографии. Исто така, и ’Фотомедиа’ е значаен пресек на актуелното светско творештво.“

Тој дополнува: „На светските биеналиња на фотографијата, почнувајќи од она во Кина, во 1997 година, па се’ до биеналето во Словачка, во 2008 година, колекциите на македонските автори постигнуваат бележит успех и се котираат некаде во самиот врв на светската фотографија. Сето ова говори за несомнениот подем и за состојбата во која се наоѓа македонската изложбена фотографија. На домашните и странските изложби, светската фотографија на најубав можен начин е на показ во Македонија, а македонската во светот.“

Македонските автори рамноправни со другите уметници во светот

Роберт Јанкуловски, директор на Македонскиот центар за фотографија и професор на Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА во Скопје, дополнува:

„Македонската фотографија рамноправно со другите држави учествува на многу светски биеналиња и неколкупати влегувала во селекција на првите десет држави во светот. Македонските автори честопати рамноправно се натпреваруваат со останатите уметници во светот.“

Со 30-те години творечко присуство во светот, создаден низ објективот на фтографскиот апарат, Гавровски е еден од најекспонираните и најнаградувани во светот автори од Македонија. За актуелната уметничка фотографија во Македонија тој вели:

„Можеме да говориме за препознатлива фотографија на нашите автори. Секој, и не толку упатен во фотографијата, ќе може да ја разликува и да ја почувствува таа автентичност на нашата фотографија.“

За кои мотиви се определуваат најчесто македонските уметници-фотографи, кој вид на арт-фотографија е најзастапен?

Zeit, Autor: Cvetan Gavrovski

Делото „Време“ на Гавровски

Гавровски напоменува: „Тоа е ’лајф-фотографијата’, онаа секојдневна фотографија, на улицата, на нашето опкружување. Тоа се не ретко мотиви од нашите места, најчесто прикажани во црно-бела техника, а во последно време и во боја.“

Истакнувајќи дека фотографијата како медиум за изразување е во подем во овој момент во земјата - и онаа класичната и уметничката - професорот Јанкуловски ја нагласува и својата приврзаност кон традицијата на старата црно-бела фотографија во Македонија:

„Во моите работи јас ја користам, исто така, и старата фотографија како дел од моите инсталации и документарни проекти, затоа што мислам дека старата македонска фотографија е исто толку важна колку и денешната фотографија што ја создаваме.“

Вредностите на старата црно-бела фотографија во Македонија

Овој уметник е најзаслужен за зачувувањето на македонското фотографско наследство. Македонскиот центар за фотографија ја има најголемата збирка на стари фотографии во Македонија. Во врска со тоа, Јанкуловски посочува дека Македонија ги има браќата Манаки, но оти исклучителни фотографи во минатото биле и Евстатија Јолевски од Лазарополе, Зафир Ошавков од Битола, Мирослав Бељан од Охрид, Благоја и Јонче Поп -Стефанија, како и Христо Димкароски.“

Јанкуловски додава:

„Веќе одамна фотографијата е рамноправен уметнички медиум со другите ликовни дисциплини. Фотографијата ја користат многу ликовни уметници, за кои што основни ликовни дисциплини се сликарството, графиката, или скулптурата: кога тие се изразуваат во дисциплината ’инсталација’ честопати користат и фотографија во нивните дела.“

Dragan Nedelchevski

Автопортрет на уметничкиот фотограф Драган Неделчевски

За фотографијата е кажано и потврдено не еднаш дека има и своја димензија на толкување на стварноста. Драги Неделчевски, долгогодишен и наградуван уметнички фотограф од Тетово, во врска со ова истакнува:

„Фотографијата воопшто не е реално отсликување на стварноста, јас ја интерпретирам реалноста на мој начин. Се трудам да го фотографирам тоа што е пред мене, но, фотографирајќи го, да му дадам свој печат и тоа да биде одраз на моето видување на нештата. За мене, фотографијата е дводимензионална, значи можам да одберам еден кадар, наместо друг. Одбирајќи го токму тој кадар, јас ја создавам реалноста. Тоа е ’замрзнат’ момент, дел од времето и јас му давам значење да остане историски момент. Затоа што, ако нема фотографија, тој момент како да не постоел.“

Гавровски ги открива тајните и на својот „фотографски ракопис“ и кои се неговите авторски стремежи:

„Најмногу сакам преку фотографијата да ја прикажам атмосферата, времето. Фотографиите кои ги правам ја објаснуваат сегашноста. Утре најверојатно тие ќе бидат исправени пред барање да послужат како објаснување за една вистина за едно време.“

Несомнено, „Фотомедиа 2010“ ќе ги одрази моментните творечки преокупации и на другите мајстори на фотографијата во земјата, нејзиното практикување како уметнички медиум со моќ да ја транспонира реалноста во визуелно наследство за иднината.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска