1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Подем на екстремната десница во Европа

Под раководство на Марин Ле Пен, партијата Национален фронт станува се‘ популарна во Франција. Подемот на оваа екстремно десничарска партија е дел од трендот присутен во цела Европа.

Марин Ле Пен слави: нејзината партија жнее успеси. Оваа недела на кантоналните избори во јужна Франција кандидатот на нејзината партија зад себе ги остави и социјалистите и конзервативците. Според најновата анкета во врска со идните избори за Европарламентот во следната година, Националниот фронт се најде дури на прво место во целата земја. А самата Марин Ле Пен сега е рекордно популарна. Најновите истражувања велат дека 42 проценти од Французите позитивно ја оценуваат оваа 45-годишна политичарка. Само за споредба, актуелниот претседател Франсоа Оланд има рејтинг од 35 проценти. Значи, во една од најважните земји на ЕУ, една екстремно десничарка партија би можела да ги претекне умерените партии. Иако, Марин Ле Пен не сака да ја нарекуваат екстремна десничарка. Додека претседател на партијата беше нејзиниот татко Жан Мари Ле Пен, ветеранот од војната во Алжир, тој имиџ беше многу поизразен, тој на пример холокаустот го нарекуваше „детал на историјата“. Но, неговата ќерка успеа да ја промени сликата која ја имаа Французите за Националниот фронт.

Поддршка од големите партии

Пратеничката во Европскиот парламент Евелин Гебхарт е загрижена. Таа припаѓа кон германската Социјалдемократска партија и долго живеела во Франција. Гебхарт тврди дека Марин Ле Пен само го променила речникот на партијата, но идеите останале исти. Членката на Либералната партија Силви Гулар од Марсеј е исто така европратеничка. Во нејзиниот роден град Националниот фронт е посебно силен. Гулар за Дојче веле тврди дека Марин Ле Пен „игра со стравовите на луѓето. Затоа е уште поопасна од својот татко“.

Symbolbild Roma in Europa

Роми во Франција - министерот за внатрешни работи им префрли дека се „интегративно неспособни“

Истовремено, политичарите од другите политички партии во Франција како да се помируваат со политиката на Националниот фронт. Неодамна министерот за внатрешни работи, социјалистот Мануел Валс им префрли на Ромите од Бугарија и од Романија дека немаат доволно волја да се интегрираат и дека нивниот живот „екстремно се разликува од оној во Франција“. Претседателот Франсоа Оланд не се побуни, зашто знае дека 77 проценти од Французите се согласуваат со тој став. А и претходникот на Оланд, конзервативецот Никола Саркози, исто така повремено го подгреваше расположението против доселениците. Ставовите на двете најголеми партии во Франција кај ова прашање се прилично блиски.

Десните популисти - победици во криза

Националниот фронт собира поени и на други теми. Економската криза во Европа им погодува на десничарите. Европратеничката Евелин Гебхарт смета дека „многу граѓани, не само во Франција, туку и во целата ЕУ, имаат впечаток дека политичарите не им се дораснати на проблемите“. А Французинката Силви Гулар додава: „Многумина Французи имаат тешкотии, кои во другите земји, вклучувајќи ја и Германија, се потценуваат“.

Десничарите нудат лесни решенија за проблемите, како што се високата невработеност меѓу младите. Гулар истакнува дека нема ништо против политиката на штедење во Европа. Но, штедливите Германци сепак мора да знаат: „Важно е парите да не ја загубат вредноста, но важно е и земјите околу Германија да останат политички стабилни“. А Гебхерт, членка на германските Социјалдемократи, вели дека луѓето се запоставени: „Ги спасуваме банките, но рамнодушни сме кон граѓаните“.

Marine Le Pen Europaparlament 02.07.2013

Жан Мари Ле Пен и Марин Ле Пен

Европските избори како сигнал

Големите партии ширум Европа сега се плашат дека гласачите ќе се свртат кон популистите, зашто се под притисокот на економската криза. Десничарите напредуваат во Грција, Италија, Унгарија, но и во Холандија, во економски сиромашните, но и во богатите земји. Секаде, освен во Германија.

Гебхарт смета дека во Германија не е прифатлив десничарскиот начин на размислување, за разлика од Франција, каде властите дозволија тој да влезе во јавната сфера.

„Можам само да предупредам, ако такво нешто се случи и во Германија, и кај нас ненадејно би се појавил истиот проблем“.

Изборите за Европскиот парламент се во мај 2014. година и тогаш ќе се покаже колку се оправдани стравувањата дека разочараните и гневни граѓани ќе гласаат за десните екстремисти. На овие партии им помага и тоа што граѓаните од ЕУ сметаат дека изборите за европските институции се помалку важни од оние за националните парламенти, односно сметаат дека таму можат да си дадат олеснување и глас на протест. Пратеничката Силви Гулар потсетува оти многумина воопшто не знаат за што одлучуваат на европско ниво. Останува само надежта дека до изборите „претпријатијата, синдикатите и другите сили на цивилното општество јасно и гласно ќе кажат дека изборите за Европскиот парламент се - сериозни избори“.